Македонија
27. August 2024 - 16:34

Интерпелација за Гаши пред пратениците на 3 септември: Спикерот очекува соочување со аргументи

Интерпелацијата на Гаши прва точка на дневен ред на 3 септември. Собранискиот спикер вели дека барањето за негова интерпелација не е издржано.

На првиот брифинг со новинарите откако ја презеде функцијата Гаши вели дека обвинувањата за повреда на секуларизмот во Законодавниот дом доаѓа од луѓе кои не го разбираат секуларизмот и не разбираат што е тоа верски обред.

Молитвата се случила на настан организиран од Невладина организација, а не на пленарна седница или на комисија. Вели, тоа го направил од човечки аспект и се помолил за жртвите од геноцидот во Сребреница.

-Се надевам дека на 3-ти ќе има соочување на аргументи и после пленумот ќе одлучи. Како ќе одлучат тие, така ќе постапиме. Јас верувам дека мнозинството ќе донесе најправедна одлука, вели Гаши.

Скандалите на скопскиот аеродром со косовската претседателка Вјоса Османи и свадбата на Косово беа главна тема на брифингот.

Османи му се јавила на телефон со растревожен глас. Во позадина ги слушал нејзините деца како плачат и викаат. Гаши вели, сакал самиот да отиде на аеродром за да ја смири ситуацијата. Му кажал на обезбедувањето да оди и да ја смири ситуацијатал. Влегол на состанок во Собранието, а откако завршил само му кажале дека ситуацијата е смирена. За прекршувања од страна на неговото обезбедување, според собранискиот спикер, одговорено е МВР.

-Избегнавме инцидент кој можеше да има поголеми последици. Јас се радувам што се заврши како што треба. Тие луѓе коишто ги пречекориле своите овластувања, МВР ќе си постапи како што е Закон и како што треба. Само да ви кажам дека секогаш кога треба да се зближува, да се смирува ситуацијата јас ќе настапувам и секогаш ќе бидам тука за доброто на граѓаните, да нема конфликти и да нема поголеми последици, вели Гаши.

Гаши не знае колку луѓе со него ја поминале границата кон Косово без да бидат легитимирани. Вели, тоа е работа на граничната полиција. Но појаснува, откако ја презел функцијата претседател на Собранието веќе нема приватност зашто секаде мора да  оди со обезбедување.

-Според Закон и уредба на Владата јас сум обврзан како претседател на Собрание секаде да се движам со службено возило. Јас не би сакал тоа да биде така. Сите сакаме да имаме барем малку приватен живот, јас воопшто го немам. За жал, во овој случај и на приватен настан морав да отпатувам со службено возило, вели Гаши.

Говореше и за уставните измени. Вели тие се неопходни за интегрирање во Европската унија. За можни измени со одложено дејство вели проблемот е мултилатерален и потребно е да се вклучат и Софија и Брисел за решавање на проблемот. Ќе се чека нов собраниски состав во Бугарија со оглед на тоа што државата повторно ќе оди на избори.