Свет
28. November 2017 - 8:26

Индонезиски власти: Ерупцијата на Агунг е неминовна

Индонезиските власти денеска предупредија дека првата голема ерупција на Агунг на островот Бали е неминовна бидејќи лава веќе почнала да излегува од вулканот.

- Она што во моментов го гледаме се мали експлозии, кои исфрлаат врели гасови и парчиња карпи и пепел, изјави експертот за вулкани од Универзитетот Оксфорд Дејвид Пајл.

- Веројатноста од голема ерупција е висока, но може да се случи за неколку денови или недели, изјави Пајл.

Претходно денеска, индонезиското Министерство за транспорт соопшти дека меѓународниот аеродром на Бали ќе биде затворен и во следните 24 часа поради пепелот кој го исфрла вулканот Агунг.

Индонезиската Агенција за катастрофи (БНПБ) вчера соопшти дека 40 илјади луѓе се евакуирани од областа во близина на вулканот, но е потребно да се евакуираат уште десетина илјади други.

- Навистина ги молиме луѓето во критичната зона веднаш да се евакуираат бидејќи е можна поголема ерупција, изјави портпаролот на БНПБ Сутопо Пурво Нугрохо.

Тој истакна дека се евакуирани 40.000 од 100.000,000 жители, кои според проценките се наошаат во таа зона и додаде дека некои од нив не се повлекуваат бидејќи стоката се уште не им е преместена.

Предупредувањето од ерупција од вулкан вчера беше кренато на највисоко ниво.

Вулканот на планината Агунг еруптираше во саботата навечер , како и трипати во неделата наутро, исфрлајќи пепел во височина од 4.000 метри.