Инцидент во ГОБ “8 Септември” – Пациент со нож нападнал медицински техничар
Пациент со нож нападнал медицински техничар во ГОБ „8 Септември“. Инцидентот се случил вчера приквечер на одделението за интензивна нега. Додека вработениот им делел терапија на болните оддеднаш 77- годишен пациент од Скопје го прободел со мал кујнски нож. 36 - годишниот техничар се здобил со расекотина на градниот кош и за среќа не станува збор за сериозна повреда изјави директорот на установата Христијан Костов. Тој вели дека пациентот и претходно неколку пати бил хоспитализиран во болницата и го лекувале од срцева слабост. Најверојатно поради болеста вчера бил вознемирен и кај него наеднаш настанало ментално растројство по што несвесно го нападнал и прободел здравствениот работник. Веднаш реагирало обезбедувањето и била повикана полиција.
- Не станува збор за сериозна повреда, но сепак стресот е многу голем. По прегледот од психијатар констатирано е дека пациентот немал психијатриска дијагноза. Дадена му е терапија е сега се чувствува добро. Даден е совет за редовни психијатриски контроли и најверојатно во текот на денот или утре ќче биде пуштен дома, изјави д-р Христијан Костов, директор на ГОБ „8 Септември“.
Од болницата велат дека пациентот најверојатно малиот кујнски нож го носел со себе за да си лупи овошје или да му се најде како прибор за јадење. За да не се случуваат вакви инциденти во иднина директорот вели дека размислуваат да ги засилат проверките при хоспитализација за да ги заштитат вработените, но и останатите околу 300 пациенти колку што има лежечки болни секој ден.
- Размислуваме да ги засилиме проверките при влез во болницата за хоспиталните пациенти. Ќе се консултираме и со министерството за внатрешни работи и тие да ни дадат насоки, вели директорот д-р Костов.
За инцидентот реагираа од независниот синдикат на здравствени работници. – Насилните и нервозни граѓани кои имаат потреба од здравствена заштита, да ги остават пиштолите и ножевите во своите домови и возила, и во здравствените институции да бидат ненаоружани и психофизички да се подготвени да им се решаваат здравствените проблеми, се вели во реакцијата.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар