Македонија
30. September 2023 - 16:33

Има ли начин да се спречат штетите што мечките во Маврово ги предизвикуваат?

Новиот Закон за лов и дивеч би може да го даде решението за проблемот со мечките во Маврово и Ростуше, вели министерот за земјоделство. Тој апелира да не се кочи неговото донесување во Собранието.

-Тоа е уште една причина да Законот за ловство и дивеч, кој е во собраниска процедура да не биде блокиран бидејќи токму во новиот закон кој е во согласност со сите регулативи, постои можност, кога во урбани средини и други населени места загрозување на жиувотот и објектите е регулирана токму таа постапка, којашто е дел од новиот закон, но од друга страна треба да го имаме и хуманиот апсект.

Проблемот е комплексен поради тоа што станува збор за Национален парк, а мечката како диво животно е заштитено и ловот е трајно забранет. Надлежностите се испреплетуваат, а затоа и тамошните жители бараат кризна состојба. Николовски вели дека ова е прашање за кое постојано се дискутира.

-И утрово имавме состанок, ги разгледувавме сите наши механизми. Заради тоа што без согласност на Министерството за животна средина не може да има отстрел. Од друга страна институциите на државата мора да ја гарантираат безбедноста на луѓето во тие региони. Така што, ова е прашање кое овие днеови интензивно се разговара, се гледаат сите механизми за политиките и да се дојде до соодветно решение, вели Николовски.

В понеделник кризниот штаб ќе одлучува дали да се воведе кризна состојба во Маврово и Ростуше, но се уште е нејасно какви механизми ќе има државата во таков случај да се справи со мечките.

Во меѓувреме, здруженијата за заштита на животните прстот го вперуваат токму кон државата. Анима Мунди реагира дека поради незаинтересираноста на надлежните, и поради тоа што заштита на дивите животни постои само на хартија, кулминирала состојбата со мечките. Здружението бара безболно решение кое не вклучува смрт.

Апелираме до институциите да пристапат со сериозност кон ова и да не се расфрлаат со глупави идеи за кои ќе се осигураме дека ќе добиете осуда од локалната и меѓународната заедница. Отстрел, убиство на диви животни не смее и нема да биде предлог на маса за решавање на овој проблем наместо наметнување мерки на населението и комуналните служби, преземање дејствија за редовно чистење на отпад и прихранување на мечките. Обука на населението како да се заштити и превенира, коегзистира со дивите животни што е пракса во секоја цивилизирана држава со развиена свест. Кафеавата мечка е диво животно со највисока заштита во законот и предупредуваме дека така треба и да остане, ВЕЛАТ ОД АНИМА МУНДИ.

Во Националниот парк Маврово, според проценките, има околу 160 мечки, а поради климатксите промени и недостатокот на храна во природата годинава многу често влегуваат во населените места, што доведе до страв кај локалното население. Тие се жалат дека нивните пчеларници и стока често се мета на овие диви животни.