Илјадници луѓе евакуирани од Сиднеј, се очекуваат уште интензивни врнежи
Десетици илјади жители на Сиднеј беа принудени на евакуација поради обилните врнежи дожд што предизвикаа поплави во најголемиот австралиски град, со прогнози на метеоролозите дека врнежите ќе потраат.
Екстремно нискиот воздушен притисок на истичниот брег на Австралија резултираше со обилни врнежи во сојузната држава Нов Јужен Велс, каде во деновите на викендот наврна дожд колку што е месечниот просек.
Невремето принуди евакуација на околу 30 илјади жители во австралиската сојузна држава, а врнежите резултираа со поплавени станбени објекти, фарми, подвозници, мостови, некои објекти и по трет пат оваа година.
„Не можеме да веруваме. Тоа е поразително. Повеќето од поплавените само што ги санираа штетите од последните поплави, сега за жал се се повторува“, изјави градоначалничката на Камден, Тереза Федели.
Локалните медиуми јавуваат дека во тек е операција за спасување 21 член на екипажот од товарен брод што останал без напојување на отворено море јужно од Сиднеј.
„Со месеци се справувавме со поплавите, па тоа ги прави сегашните напори уште поголем предизвик, рече премиерот на Нов Јужен Велс, Доминик Перотет.
Нема информации за жртви во поплавите, а властите ги повикаа жителите да се евакуираат од домовите кога ќе им биде наложено, како и да избегнуваат возење по поплавените патишта. На одредени места во Нов Јужен Велс наврнаа и 350 милиметри дожд, а прогнозите на метеоролозите се дека врнежите попладнево повторно ќе се интензивираат.
Советот за климатски промени смета дека климатските промени се фактор што придонесува за интензивните врнежи, како и дека Австралија е недоволно подготвена за справување со стихијата.
Речните сливови во земјата се блиску до максималниот капацитет, последица на интензивни врнежи предизивкани од феноменот „Ла Ниња“ што веќе две години е присатен на источниот австралиски брег.
Поради невремето откажано е и предвиденото лансирање ракета на НАСА од вселенскиот центар Арнем во северна Австралија.
Федералниот министер за управување со кризи, Мареј Ват, соопшти дека Владата го активирала сателитскиот систем за управување со вонредни состојби, како мерка за да се помогне во справувањето со поплавите.
Ново на Сител
-
Синдикатите и работодавачите со различни ставови за „недела неработен ден“
-
Тема на денот со Марјан Ристевски, заменик министер за економија и труд
-
Маркетите ги вратија старите цени на производите кои ги покачија, а не се дел од Новогодишната кошница
-
По повод 45 години Пекабеско ќе донира 30.000 евра за најмладите
-
Последни пратенички прашања за годинава
-
Собранието на чекор до разрешување на членови на Судски совет
-
Дали има судир на интерес во одлуката на Антикорупциска за назначувањето на Бојан Христовски во АНБ?
-
Етнички права во правна држава