Македонија
28. February 2017 - 21:30

„Илинден“ испрати писмо со факти до ЕП, ЕУ и ФУЕН за непостоењето Бугари во Албанија

Македонското друштво „Илинден“ со седиште во Тирана, од името на Македонците во Албанија упати писмо до Европскиот парламент, Европската унија и Федералната унија на европските националисти (ФУЕН) каде друштвото е равноправна членка, во кое ги запознава со непобитните историски факти за постоењето на Македонците на територијата на денешна Албанија, а не на Бугари, како што тврдат бугарските европратеници, Андреј Ковачев и Ангел Џамбаски.

- Постапувајќи по доставените амандмани од бугарските претставници во Европскиот парламент, Андреј Ковачев и Ангел Џамбаски, амандмани на Годишниот извештај за заштита на малцинаствата во Албанија, на седницата од 15 февруари 2017 година беше донесена одлука за прифаќање на нивните амандмани во Резолуцијата за напредокот на Албанија. Ваквиот чин предизвика големо негодување, револт и незадоволство помеѓу македонското малцинство во Албанија, но и пошироко. Поради тоа сакаме, на членовите на Европскиот парламент да им предочиме непобтни историски факти, стои во писмото.

Во него се наведуваат низа факти за постоењето на Македоцните во Албанија, јазикот, културата ,обичаите... па се до нивното организарање во друштва, кои носат македонски имиња „Мир“, „Преспа“, „Братство“, „Илинден“,„Мед“ ,„Гора“.

Ако кон ова, се наведува во писмото, ги додадеме бројните книги кои македонското национално малцинство, со свои средства ги објавува во Албанија јасно е дека нема никаков простор за манипулирање со нивната националност.

- Секако ваквите здруженија и објавените книги не се однесуваат на измислените Бугари од страна на бугарските европратеници. Прашањата кои пред нас искрснаа со прифаќањето на Резолуцијата на бугарските европарламентарци, секако би биле провокативни и за Вас, како европратеници,се посочува во писмото.

Во однос на јазикот кој го говориме, се додава, ние како македонско населението во Албанија ќе посочиме дека тоа е истиот јазик кој се говори во западните краеви на Македонија.

- Чистотата на јазичната структура е сосема зачувана и заштитена од секакви влијанија, имајќи предвид дека македонското население во Голо Брдо, Мала Преспа Гора и Поле со децении во Енверова Албанија живееле како во енклава. Затоа, бугарските научници немаат основа да бараат бугарски јазик таму каде што го нема. Ним ќе им биде подобро да ја прифатат јазичната реалност дека бугарскиот и македонскиот се два различни јазични системи, а во нив постојат и дијалектни системи. Еден таков дијалектен систем се среќава и во Голо Брдо, Мала Преспа, Гора, Поле, но и кај сите Македонци раштркани по Република Албанија. Ваквата состојба ја потврдуваат сите објективни толкувачи на лингвистичката реалност, сиот разумен свет кој го почитува авторитетот на лингвистичките аргументи. Од друга страна, бараме поголема контрола на европските фондови за истражување на историјата и културата на Македонците во соседството на матичната држава со цел да се запре отвореното негирање на Македонците на Балканот, се потенцира во писмото.

Потоа се упатуваат прашања и констатации до ЕП.

1.Зошто Вашата одлука за прифаќање на амандманите во Годишниот извештај за заштита на малцинствата во Албанија се дочека со толкава радост во Бугарија, што дури од самите европратеници од Бугарија беше прогласена за ГОЛЕМА ПОБЕДА на бугарската дипломатија во Европскиот Парламент? Според наше длабоко убедување тоа е затоа што бугарските европарламентарци успеаја, повторно да подметат кукавичко јајце во демократска Европа и од него да изведат лажно пиле.

2. Зошто им се настојувањата на бугарските политичари и научници да „бараат“ Бугари во Албанија, а не го прават тоа, на пр. во Грција или Србија. Нели е пологично, во пограничните области на матичната држава да има мешано население? Или, Македонците се „бараат“ секаде по светот и секаде се прикажуваат како Бугари, па зошто тоа да не биде и Албанија?

3.До кога на ЕВРОПСКА Бугарија ќе и пречи македонската засебност, посебност, јазик, култура, историја. Или, до кога ќе трошат европски пари за проекти со кои ќе се „докажува“ бугарскиот карактер на „заблудените“ Македонци со идентитет?

4.Дали оваа Одлука за прифаќањето на амандманите на бугарските европратеници треба да биде уште една причина за Бугарија, како и другите соседи да ја блокира македонската држава за влез во европското семејство? Секако, овој европски документ би бил идеален како алиби за некое ново ВЕТО за Македонскиот идентитет и јазик да бида оставени на маргините на европскиот свет.

5. Дали оваа Одлука ќе биди и сопка за Република Албанија во насока на адут за уцени за прием во Европската унија.

6. Дали Европскиот парламент со прифаќање на документи со непроверени податоци, во таканаречени резолуции ги стимулира добрососедските и регионалните односи на Балканот?

- Поради сето ова, слободни сме од Вас да побараме преразгледување на оваа Ваша Одлука за прифаќање на Резолуцијата. Затоа пак, доколку навистина сакате да му помогнете на овој дел од Балканскиот Полуостров, Вашата заложба би можела да се насочи во правец на тоа да и се наложи на Република Албанија да направи реален попис. Секако, населението ќе треба без никакви притисоци да се изјаснува за своето чувство. На тој начин, европската јавност ќе ја дознае реалната национална структура на жителите во Република Албанија, се наведува во писмото.

На крај се напоменува, дека во процесот на разгледување на овој документ на македонското друштво „Илинден“ од страна на Европскиот парламент, друштвото стои на располагање за натамошно информирање за да се осознае вистинската за македонското малцинство во Албанија.

- Тоа вклучува и наше присуство на некоја од Вашите седници, стои на крајот од писмото потпишно од претседателот Никола Ѓурај.