Фудбал
18. October 2017 - 12:59

Игра за Јунајтед, навива за Бенфика

Српскиот репрезентативец Немања Матиќ рекол дека трите сезони во Бенфика биле клучни во неговиот развој како фудбалер.
 
Матиќ, кој од летово го носи дресот на Манчестер Јунајтед, вечерва во Лисабон ќе гостува кај Бенфика во третото коло во Лигата на шампионите.
 
Српскиот репрезентативц дресот на Бенфика го носеше во периодот од 2011 до 2014 година.
 
„Кога дојдов во Бенфика тренерот Жорж Жесус ми рече дека ќе играм во дефанзивната линија од средниот ред. На почетокот ми беше чудно бидејќи никогаш не сум размислувал дека можам да играм на таа позиција. Но, тренерот внимателно ми објаснуваше како да играм на таа позиција. По многу години напорна работа стигнав и до Манчестер Јунајтед. Очигледно е дека во Бенфика со мене направи одлична работа“, рекол Матиќ.
 
Интересно, Матиќ во Бенфика пристигна од Челси во 2011 година, а три години подоцна Жозе Мурињо го врати на „Стенфорд бриџ“.
 
„Бенфика е посебен клуб. Го сакам овој клуб. Тука научив колкав и каков може да биде притисокот кога играш за голем клуб бидејќи Бенфика е меѓу најдобрите во Европа. Ќе навивам за овој клуб до крајот на својот живот. Бенфика има посебно место во моето срце, но се надевам дека вечерва ние ќе ги освоиме бодовите“.
 
Натпреварот на „Луж“ стадионот почнува во 20:45 часот. Манчестер Јунајтед има шест бода по првите две кола, додека Бенфика е без освоен бод.