Македонија
15. October 2019 - 14:20

Игор Јанушев: Македонија е на погрешна патека, а власта само го троши времето

„Разговори за обнова на Македонија“ покажаа дека граѓаните живеат тешко време исполнето со несигурност, револт и многу нерешени проблеми. Македонија е на погрешна патека, а власта само го троши времето. Секој изминат ден значи нови проблеми, нови осиромашувања, нов удар врз достоинството на нацијата и земјата.

Секој поминат ден значи нов нерешен криминал, нова неправда и несигурност за обичниот човек.

Оваа власт владее со измами и лаги, а на се што градеше поени секоја клевета и лага се враќа како бумеранг.

Патот кон Европа има многу предизвици, многу проблеми но еден се чини е најголем кој упорно турка наназад и ја одзема иднината. И тој проблем се вика Зоран Заев. Овој човек не умее да испорача резултати, а најмалку европска иднина.

На граѓаните им е потребна обнова, и затоа се спремни да се изборат како никогаш порано. Тоа го говори огромниот одѕив на граѓаните во акцијата односно кампањата „Разговори за обнова на Македонија“, каде досега над 15.000 граѓани се обратија со проблеми.

Тие се жалат поради сиромаштијата, неправдите кои стегаат, ударите врз достоинството и бесценетите работи кои Заев и власта ги продаваат. Се жалат поради урнисаното земјоделие, иселувањето, криминалот и корупцијата и ударот врз бизнисот. И особено охрабрува нивниот огромен интерес на над 15.000 граѓани кои проговорија за она што ги мачи и побараа решение.

Ова нас не обврзува да ја продолжиме оваа акција и да работиме уште поинтензивно, уште понапорно на решенија кои ќе бидат дел од нашата нова програма.

Поради големиот интерес граѓаните да проговорат за проблемите но и заедно да стигнеме до решенија одлучивме „Разговори за обнова на Македонија“ да ги прошириме со уште две акции во корист на граѓаните.

Првата, организирање на отворени денови во рамките на општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ.

Втората, средби на микро ниво преку директен и личен контакт преку месните заедници.

Ова значи дека покрај редовните посети во рамките на „Разговори за обнова на Македонија“ и отворените т.н. корнери, односно штандови, кои до сега ги организираме по градовите каде граѓаните може да ги споделат проблемите за кои ќе понудиме решенија, сега ја прошируваме активноста со уште две можности: отворени денови во општинските комитети, и непосредни и лични средби во месните заедници.

Отворените денови започнуваат од утре – 16-ти октомври, во сите штабови на општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ низ цела Република Македонија и ќе продолжат секоја среда во периодот од 17:00 до 19:00 часот.

Средбите во месните заедници во сите населени места низ Република Македонија ќе се одвиваат за време на викендите, почнувајќи токму од викенд – односно до 19-20 октомври.

Ги повикувам сите граѓани кои го живеат ова тешко време да се приклучат и да земат учество во „Разговори за обнова на Македонија“.

Огромниот одѕив досега за нас е обврска да продолжиме уште посилно и уште поорганизирано. Народот бара и ќе се избори за обнова.

Годината што следи ќе биде година на промени.

Иако времињата се сложени и тешки, изборот е многу едноставен и повеќе од очигледен.

Изборот е помеѓу оние кои не влечат надоле, кои немаат резултати и се со криминал до гуша, и ние кои нудиме обнова, чесност и визија.

Обновата ќе дојде и тоа е нешто што оваа криминално – рекетарска и неспособна власт не може да го спречи.

Прес-конференција на Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ

Прашање: Од вчера е извесно дека Франција сеуште не го променила ставот во однос на нашата аспирација да добиеме датум за преговори. Има ли простор сеуште за оптимизам дека можеби денеска од страна на министрите и до крајот на неделата лидерите ќе успеат да ја поколебаат?

Одговор: Оптимизмот е нешто што нели  секогаш ни останува. Меѓутоа во овој момент навистина не би сакал да шпекулирам во однос на тоа што ќе се случува во следните ден или два. Ќе треба да почекаме и да видиме  како ќе заврши  за Република Македонија целиот овој процес. Она што е битно да се напомене е дека очекуваме и се надеваме  дека граѓаните и државата нема да бидат казнети  и нема да бидат заложник на лошите политики на Заев и владата предводена од  него. Сепак она што е најбитно во моментот и што цело време се обидуваме да го пренесеме на македонската јавност е дека се, буквално се освен чист датум за преговори ќе биде тотален неуспех и фијаско за оваа влада.

Прашање: Каков е коментарот и ставот на партијата по однос на оставката која денеска ја поднесе заменик – министерот за здравство?

Одговор: Видете оставките требаше да се случат многу поодамна бидејќи единствено нешто што гледаме е дека оваа влада тоне во криминал и корупција, а сепак би рекол на некој магичен начин главата на октоподот останува недопрена. Не не изненади тоа што го видовме на снимката бидејќи на некој начин снимката е продолжение и на она што го видовме пред некоја година во однос на видеото евро за Вицето, она што го видовме во аферата  Рекет 1, 2 колку и да ги има така да она што го очекувавме е да следуваат оставки многу порано и од  многу повеќе луѓе, тука е Драги Рашковски, тука е Деспотовски, Венко Филипче, Ден Дончев, Радмила Шекеринска, Оливер Спасовски самиот Зоран Заев така да во таа насока ги коментираме овие случувања.

Прес-конференција на Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ