И Штип сака да гласа на локален референдум
Доколку се донесе одлука за распишување на референдум за граѓаните да се изјаснат „дали се за напуштање на важноста на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија, штипјани наместо на едно, ќе одговараат на две прашања. Локалната самоуправа ќе побара да се изјаснат и дали се согласни да се пренаменат парите од самопридонесот во висина од 1 милион евра, кои со децении се замрзнати на трезорска сметка, а беа собрани за изградба на брана на Козјачка река, која никогаш не се изгради.
Сметам дека ова е одлична можност да не се одобруваат дополнителни финансиски средства за распишување на наменски референдум за оваа цел и да не се трошат дополнителни средства за избирачки комисии- изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.
Средствата од самопридонесот општината има намера да ги вложи во реконструкција на застарената примарна водоводна мрежа, односно поставување на водоводна линија 2. Во меѓувреме се преговара со фирма изведувач, но кога би започнале градежните активности, засега нема детални информации.
Процесот не зависи од нас, туку сме само информирани од страна на компанијата. Јас се надевам дека ден побрзо ќе се случи почетокот на градежните активности, за изработка и поставување на главна водоводна линија 2- додаде Јорданов
Примарната водоводна мрежа во некои делови од градот е постара од 50 години, поради што има чести дефекти и рестрикции во водоснабдувањето.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар