Не сме виновни за високите цени, доматите 120 во маркет, а откуп 30 денари, велат производителите
Производителите не се виновни за поскапувањето во маркетите оти своите производи ги продаваат за ниски цени кои ги диктираат откупувачите, вели Васка Мојсовска од Федерацијата на фармери. Според неа, проблемот лежи во ланецот на снабдување, каде што дистрибутерите и трговците поставуваат високи маржи.
„Имаме еден ланец – земјоделци производителите коишто ги носат своите производи во откупни центри, оттаму се продаваат на дистрибутерите, кои пак, ги даваат на трговците. Не можат нас да не обвинат за високите цени затоа што откупувачите се тие кои ги кажуваат цените. Вие како потрошувачи купувате сурови на производи, на пример како домати, по 120 денари, додека на земјоделците им се откупуваат по 30 денари. Сето тоа е заради високите маржи коишто токму овие дистрибутери и трговци ги ставаат и за жал, кремот или заработката од нив ја земаат токму тие, а не оние вистинските производители“ – изјави Васка Мојсовска, Претседателка на Националната федерација на фармери.
Од новоформирана комора на трговци, пак, рекоа дека маркетите не се одговорни за зголемувањето на цените, туку ценовната политика ја водат доставувачите и производителите. Тие на вчерашниот состанок во министерството за економија предложиле да не се замрзнуваат маржите на над илјада производи, туку да се направи листа од стотина продукти кои најчесто се користат и нивните цени да се намалат во договор со производителите и дистрибутерите. Одлука ќе има следната недела.
Во меѓувреме, опозицијата и денеска критикува.
„Неспособноста на Мицкоски ја турка земјата во економска криза. Не само што мерките со кошнички доживеаја целосен дебакл, власта најави мерка за замрзнување на маржите која се уште не е донесена поради тоа што власта работи за интересот на елитата а не за граѓаните“, велат од СДСМ.
Државна статистика пресмета дека трошоците за живот во јануари годинава во споредба со лани се зголемени за речиси 5%. Поради високите цени, граѓаните двапати ги бојкотираа маркетите.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар