Македонија
3. December 2019 - 15:01

„И ние постоиме“ – во Гевгелија одбележан Меѓународниот ден на лицата со хендикеп

„И ние постоиме“ беше пораката што денеска од Гевгелија ја испрати здружението на граѓани „Мобилност“ по повод 3 Декември, Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби.

Кон одбележување на денот се приклучи и центарот „Мајка Тереза“ со специјална програма во салата на Народниот театар.

На дефилето низ централниот дел на градот што го организираше „Мобилност“, учествуваа членови на здруженијата на хендикепираните лица од градот чии претставници во своите кратки обраќања побараа да им се овозможат сите права. Во рамки, пак, на специјалната програма во салата на Народниот театар настапија корисници на „Мајка Тереза“, на Дневниот центар на лицата со посебни потреби од Гевгелија, деца од општинските основни училишта, како и деца од централната градинка од Гевгелија.

-Целта на дефилето е подигање на јавната свест дека лицата со посебни потреби постојат, дека не треба да бидат игнорирани, туку да се вклучат во заедницата како еднакви и рамноправни членови во неа, нагласи претседателот на „Мобилност“, Даниела Гошева Кангова.