Балкан
30. May 2019 - 13:57

Хрватска иницира вклучување во Еврозоната

Хрватскиот министер за финансии Здравко Мариќ и гувернерот на централната банка на земјата Борис Вујчиќ побараа Хрватска да се приклучи на Единствениот надзорен механизам на Европската централна банка, што претставува прв чекор кон влез на државата во Еврозоната.

Загрепскиот весник „Вечерњи лист“, наведува дека согласно процедурата замената на хрватската куна со еврото би можела да се случи за пет години.

Членството во Единствениот надзорен механизам на ЕЦБ е задолжително за сите членки на Еврозоната, додека другите земји од ЕУ можат доброволно се приклучат.

– Тоа е еден од последните чекори што Хрватска ги презема пред формалното барање за воведување на еврото, наведува весникот, додавајќи дека евентуалната замена на националната валута со европската во 2024 година, би се совпаднала со 30-годишната од воведувањето на хрватската куна.