Македонија
16. March 2025 - 20:49

Хронологија на настаните во клубот Пулс, ноќниот клуб каде прекина и пулсот на многу млади животи

2:35 часот по полноќ, ноќен клуб „Пулс“, Кочани.

На бината, дуото ДНК ја изведува последната песна за вечерта „Кажи ми како без тебе да бидам“. Публиката пее во еден глас, но никој не знае дека ова ќе биде последната песна што многумина ќе ја слушнат, а и последна заеднички изведена песна на македонскиот бенд.

Во истиот момент кога рефренот одѕвонува во салата, искри од пиротехниката горат во воздухот. Во секунда, сè се менува. Огнот се шири брзо, настанува паника, луѓето бараат излез. За неколку минути, пламенот го проголтува клубот, оставајќи зад себе трагедија која ќе ја памети цела држава. 59 млади животи згаснуваат таа ноќ, меѓу нив и еден од изведувачите на ДНК, Андреј.

Откако го забележуваат огнот на покривот, членовите на бендот преку микрофонот ги предупредуваат гостите да ја напуштат дискотеката. Над 500 луѓе брзаат кон излезот, но паниката и хаосот создаваат метеж.

По десетина минути пристигнуваат пожарникарите и започнуваат обиди за спасување на присутните. Но, хаосот и паниката во клубот предизвикуваат стампедо. Единствениот мал излез не може да го издржи притисокот на повеќе од 500 луѓе кои се обидуваат да се спасат.

Меѓу нив е и Марија од Кочани. Во метежот успева да излезе со мали повреди и изгореници, но нејзината мисла е само на едно место- нејзината сестра. Без двоумење се враќа назад во клубот, надевајќи се дека ќе ја најде. Цела ноќ минува во неизвесност, обидувајќи се да добие информација за неа, но никој не знае каде е. Вечерта кога излегле да се забавуваат, не можела ни да замисли дека тоа ќе биде последниот пат кога ќе ја види. Денес, докторите во кочанската болница ѝ ја соопштуваат најтешката вест-нејзината сестра не преживеала.

Роднините на оние кои успеаа да се извлечат од клубот и со олеснување ја добија веста дека нивните блиски преживеале, денеска се уште се во неизвесност бидејќи поголемиот дел од нив ги однесоа на лекување во странство.

Снимките направено попладнево од внатре ја покажуваат траорната слика од изгорениот ноќен клуб. Пеплосан до темел, во рушевини и изгорени предмети кои синоќа биле маси, столови, бина, а денеска пепел кој само сведочи за најголемата трагедија во Македонија.

Однадвор просторот кој беше ноќен клуб е останат без покривот- причината за смртта на 59 луѓе.

Пеплосан и со траги од вечерта која требала да биде највесела за многумина - вака денеска осамна Пулс, ноќниот клуб каде прекина и пулсот за многу млади животи.