Одбележување на Велигден во Католичката црква и низ светот
Католичката црква ги отвори вратите за христијаните кои денеска го празнуваат Христовото воскресение. Со празнична миса, голем број на верници, скопската катедрала беше исполнета со христијани од секаде кои дојдоа да се причестат и помолат за празникот кој ја симболизира победата на животот над смртта.
Верниците празнувањето го започнаа синоќа со миса, која ја предводеше бискупот Киро Стојанов, а празнична миса имаше и денеска во сослужение со свештеници.
Мир во сечие семејство и мир во светот, сите да се заедно со своите блиски, беа пораките на присутните во католичката катедрала.
Полната црква, свечената миса и традиционалното кршење со јајца ја отсликаа радоста кај верниците.
Во духот на празникот, свештеникот од католичката црква, отец Зоран Стојанов упати силна порака за мир и солидарност, со акцент на верниците од завоените подрачја, изразувајќи желба и тие да добијат можност достоинствено да го одбележат најголемиот христијански празник.
Велигден се одбележа ширум светот, од Европа до Латинска Америка, со свечени литургии и илјадници верници кои ја славеа пораката за надеж и воскресение. Поради воениот конфликт, малкумина беа дел од денешното празнување во Ерусалим.
Централната прослава се одржа во Ватикан, каде Папата Лав ја предводеше велигденската миса на плоштадот Свети Петар, пред маса верници од целиот свет. Од балконот на базиликата, тој ја упати традиционалната порака, повикувајќи на мир, солидарност и надеж, особено во време на глобални конфликти и поделби.
И македонскиот државен врв, како и политичките партии им го честитаа Велигден на христијаните кои го празнуваат денеска.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
