Македонија
15. October 2019 - 16:49

Холандија го услови стартот на преговори со Законот за Јавно обвинителство, Франција не се откажува од реформите

Франција останува на предлогот за реформа на процесот за прием на нови членки во Европската унија. Официјален Париз смета дека сега преговорите се развлекуваат со што се намалува довербата кај двете страни.

„Не сум овде денеска во позиција да бранам вето. Ќе разговараме. Ќе разговараме за две димензии, за отворање на преговори од страна на една подготвена Европа и за реформа на процесот на преговарање кој е долг и фрустрирачки процес за земјата која преговара и не создава доверба. Затоа ова е одлична можност да разговраме како Европа може да ја реформира целокупната постапка за преговарање и пристапување“, изјави Државниот секретар за европски прашања, Амели Де Моншалан.

За разлика од Моншалан која зборуваше општо за европската перспектива на Западен Балкан, шефот на холандската дипломатија смета дека за почетокот на преговорите, неопходно е земјава да го усвои законот за обвинителство.

„Што се однесува за Северна Македонија ние мислиме дека еден важен чекор кој треба да биде преземен е законот за независен јавен обвинител и ако биде исполнет тој услов мислиме дека преговорите за приклучување може да започнат“, изјави Стефан Блок, Министер за надворешни работи на Холандија.

За Германија не постојат пречки Македонија и Албанија да добијат датум за почеток на преговори со Европската унија. Министерот за Европа,Михаил Рот, потсети дека ЕУ треба да го одржи ветувањето дадено во јуни.

„Позицијата на Германија е кристално јасна. Ние поддржуваме пристапни преговори со Северна Македонија и со Албанија врз основа на гласањето во германскиоит Бундестаг. ЕУ носи одговорност за мирот, стабилноста, демократијата и помирувањето на Западен Балкан и тоа значи дека треба да си ги одржуваме нашите ветувања“, изјави  Михаил Рот, Министер за Европа во германското министерство за надворешни работи.

И еврокомесарот Јоханес Хан порача да не се одложува почетокот на пристапни преговори за двете земји. Смета дека така ЕУ ќе го загуби влијанието врз Западен Балкан.

„Доколку по две одлагања не упатиме јасен сигнал денеска или најдоцна на Советот на ЕУ во четврток, не смееме да се чудиме ако повеќе немаме влијание на Балканот“, изјави Хан.

Тој вели дека губењето на влијанието не е интерес на унијата бидејќи Балканот е дворот на ЕУ.