Спорт плус
19. February 2017 - 15:48

Хиршер без проблем до златото во слалом во Сент Мориц

Австрискиот скијач Марсел Хиршер го освои вториот златен медал на Светското првенство во алпски дисциплини што денеска заврши во швајцарскиот ски центар Сент Мориц. Тој победи на денешната слаломска трка, а претходно беше најдобар и во велеслаломот, а сребро освои во комбинација. Воедно тој е најуспешниот натпреварувач на шампионатот.
 
Хиршер на двете слаломски трки имаше вкупно време од 1:34.75 минута. Изненадување направи неговиот сонародник Мануел Фелер, кој го освои второто место и сребрениот медал, а по првата трка беше на седмото место. Бронзата му припадна на Германецот Феликс Нојројтер.
 
На стартот денеска се појави и македонскиот скијач Антонио Ристевски, но остана без пласман откако не ја заврши првата трка.
 
Австрија со вкупно 9 медали е најуспешната нација (3 златни – 4 сребрени – 2 бронзи). Швајцарија освои 7 (3-2-2), а Франција 2 (2-0-0).  
Следното Светско првенство ќе се одржи 2019 година во шведскиот ски ценатр Оре.