Поранешната претседателска кандидатка во САД Хилари Клинтон, се појави во епизода на обновената телевизиска комедија „Марфи Браун“, каде се шегувала во врска со своите искуства со мејловите.
ТВ серијата „Марфи Браун“, која беше многу популарна во 90-тите, почна повторно да се емитува по 20 години, а во главна улога повторно се појавува Кендис Берген.
Во епизодата прикажана во четвртокот, Хилари Клинтон влегува во редакцијата за да направи разговор за работа како сектретарка на Кендис Берген и тврди дека не е Хилари Клинтон туку дека само личи на неа и дека има многу големо искуство.
„Сакам да знаете дека не се плашам од напорна работа, дека сум квалификувана и дека сум подготвена од првиот ден“, вели Клинтон, додека Марфи и поставува бројни прашања меѓу кои и за технологијата.
„Имам одредени искуства со мејлови“, одговара Клинтон.
Серијата се прикажува на телевизијата Си Би Ес и ова е второ појавување на Клинтон во некоја серија. На истата телевизија од 7. октомври ќе се емитува петтата сезона од серијата „Госпоѓа секретар“ во која исто така се појавува Клинтон.
Порано беше најавено дека покрај неа во серијата ќе се појават и Медлин Олбрајт и Колин Пауел, кои како и Хилари, своевремено беа државни сектретари на САД.