Македонија
4. May 2020 - 19:40

Хеликоптер на МВР се урна во Петровец - нема жртви, пилотот лесно повреден

Пилот е лесно повреден откако хеликоптер на МВР се преврте при полетување на старата платформа на Меѓународниот Аеродром Скопје. Во хеликоптерот М-17 имало пет лица, но останатите четворица минале без никакви повреди.

Случајот го презеде Јавното обвинителство, а оттаму засега нема официјални информации за причината за несреќата, но се шпекулира дека најверојатно тоа е силниот ветер.

Несреќата се случила во претпладневните часови.

-Денеска околу 11:30 часот пријавено е дека на старата платформа до Полициската станица на Граничниот премин „Меѓународен Аеродром Скопје“ откога наполнил гориво хеликоптер на МВР М-17 од засега непознати причини при полетување паднал, велат од МВР.

Министерот Чулев, пак, на Фејсбук информираше дека согласно годишните планови припадниците на безбедносните сили извршиле триажен лет.

-Министерството за внатрешни работи согласно Законот за воздухопловство ќе ги преземе сите неопходни мерки, а во согласност со Агенцијата за цивилна и воздушна пловидба ќе се формира Комисија која ќе треба во целост да ги утврди фактите и околностите под кои се случил настанот, напиша Чулев на Фејсбук.

-Ова е четврта хеликоптерска несреќа од осамостојување на Македонија досега. Во сите четири хеликоптерски несреќи учествуваше ист тип хеликоптер – М-17. За среќа, во оваа несреќа нема човечки жртви, како што тоа беше во претходните три.