Македонија
17. December 2017 - 15:11

„Хармс“ ја освои наградата „Златен рез“ на „Синематик“

Руската монтажерка Татјана Кузмичова, која е потпишана на руско-македонско-литванската копродукција „Хармс“, ја доби наградата „Златен рез“ на второто издание на фестивалот на филмската монтажа „Синематик“ во Скопје.

Наградата синоќа во Кинотеката на Македонија, во име на екипата, ја прими Сашо Павловски, кој е копродуцент на филмот на Иван Болотников. Токму со филмот за славниот писател и беше затворен фестивалот.

За наградата одлучи жири  составено од монтажерите: Миле Петковски, претседател, Ванчо Мираковски и Благоја Неделковски, членови. Од изборот на шест играни филмови („Центарот на мојот свет“; „Скршено“; „Хармс“, „Лето 1993“, „Уставот на Република Хрватска“ и „Генерација Милениум“), жирито се определи за првата руско-македонска копродукција.

- Филмот раскажува приказна за животот на Данил Јувачов, познат во светот како Данил Хармс, име исто толку впечатливо како и неговиот изглед. Тој се смета за гениј, но издавачите одбиваат да ги отпечатат неговите дела. Тој ги сака жените, но тие не го разбираат секогаш. Постојано без пари и без допир со реалноста. Монтажерката Татјана Кузмичова ја води приказната врз стенограмот на една емоција која постепено се остварува низ уфрлување на документарни елементи од минатото како пластични визии, а притоа гледачот ништо не го условува при визуелната перцепција. Таа се спротиставува на стереотипите на монтажата и го опишува дејствието во прогрес на ритамот и емоционалните моменти, како треба да ги доживее гледачот, стои во образложението на жирито.

Павловски се заблагодари за наградата и истакна дека работата на монтажерите е исклучително важна и затоа „Синематик“ треба да стане традиција.

- Режисерот Иван Болотников го подготвувал филмот цели десет години. Таа судбина на Хармс го следеше и за време на подготвките на филмот. Преку раката на Кузмичова филмот го доби својот конечен изглед. Многу Македонци учествуваа во овој филм и се надевам дека ќе продолжиме соработка. За музиката на Сони Петровски веќе има интерес и од други руски продуценти и тоа е одлично за негова промоција, рече Павловски.

Гостин и лауреат на фестивалот годинава беше легендата Андрија Зафрановиќ, кој одржа мастер-клас на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Наградата му ја врачи Љупчо Тодоровски-Упа, претседател на Асоцијацијата на филмски професионалци на Македонија што го организираше фестивалот. Поддршка за фестивалот даде Агенцијата за филм.