Македонија
17. September 2018 - 22:19

Хан од Штип: Јас сум убеден дека исходот од референдумот ќе биде позитивен

Еврокомесарот Јоханес Хан пред граѓаните на Штип на денешнава дебата која е дел од караванот на ЕУ порача дека е оптимист оти референдумот на 30-ти септември ќе биде успешен, а граѓаните ќе излезат и ќе го дадат свој глас. Забележа дека се работи за одлука на граѓаните кои треба самите да ја донесат, а ги повика младите да го сторат тоа, бидејќи се работи за европската иднина на нивната земја.

- Свесни сте дека мора да направите компромис и се надевам дека ќе излезте на гласачките места. Знам дека помладите генерации не се многи наклонети да излезат на гласачките места, рече Хан.

Еврокомесарот за проширување во ЕУ, Хан на трибината истакна дека референдумот е од конслутативна природа и оти без разлика на исходот, што поголемата излезност ќе им даде како што рече појасен мандат на политичарите во кој правец да размислуваат.  

Прашан дека неговата порака испратена за референдумот од Штип е многу јасна, но што доколку нема цензус на референдумот, Хан со одговор дека е важно да се подвелече дека се работи за демократското право на граѓаните.

- Се разбира демократското право на секој граѓанин и тоа значи да се учествува без разлика дали се избори или дали е референдум, како што е во конкретниот случај. Се разбира дека граѓаните мора да го искористат своето право на глас. Тоа е многу јасно, морам да бидам јасен дека тоа во овој контекст се работи за фундаментално прашање, како што е прашањето за референдумот. Меѓутоа јас повторно би рекол да го преминеме мостот, па да видиме што после ќе се случи. Но, јас сепак сум убеден дека исходот од референдумот ќе биде позитивен. Мора да го почитуваме сувереното право на граѓаните на глас и таа одлука мора да се испочитува од страна на сите и потоа се разбира дека политичарите ќе треба да се справуваат со последиците и соодветно на тоа и да донесат одлуки, рече Хан.

Пршан дали има коментар за информацијата за руското влијание во кампањата за референдум, Хан со дипломатски одговор.

- Има многу коментари во врска со ова, но сепак јас не би сакал да коментирам. Мислам дека самата Европа и самата земја треба да бидат посамоуверени во овој поглед, мислам дека веќе е јасно кој е големиот играч во овој контекст. Тоа е Европската унија, се разбира дека 75 проценти од трговијата која што вашата земја ја има, тоа е со ЕУ и исто така 75 проценти од финансиските инвестиции кои што се финансираат или се даваат вашата земја повторно доаѓаат од Европската унија. Мислам дека е јасно дека ЕУ е најголемата економска сила во овој регион и не се работи тука само за економските елементи, туку исто така се работи и за европските вредности, кои што ние сите заедно ги споделуваме со вашата земја, рече Хан.

Тој потенцираше дека во ЕУ секој град, село и регион се значајни за нивниот развој, токму и во овој случај при денешната посета на Штип сакал и тоа да го потенцира. Инаку денешнава дебата се одржа во Општинскиот мултимедијален центар (ОМУ) „Киро Глигоров“, кој е изграден со европски пари. Токму како што рече Хан ваквите проекти значат за една заедница, а се гледа и дека парите се инвестирани како што треба во корист на граѓаните.