Македонија
3. December 2015 - 21:21

Груевски: Вложување во кадри, нови пракси и повисоки стандарди во политиката и натаму наш фокус во работата

Вложувањето во кадрите со кои располага Македонија, воспоставувањето нови пракси и повисоки стандарди во политиката и политичкото работење во нашата држава и понатаму останува наш фокус во работата.

Ова вечерва го истакна премиерот Никола Груевски во обраќање на  првиот Македонско-германски форум на тема „Политичката едукација како основ на демократијата: 15 години  Фондација Конрад Аденауер во Република Македонија“ што го организира Фондацијата по повод одбележување на 15 годишниот јубилеј од нејзиното работење во РМ.

Како и досега, така и во иднина, посочи премиерот, пред Република Македонија претстојат бројни предизвици во многу полиња.

- Одговорот на тие предизвици зависи од политиките, а добрите политики секогаш се поврзани со добри политичари. Токму затоа, потребни ни се луѓе кои со сиот свој капацитет ќе се вложат Република Македонија сигурно да продолжи да чекори по патот на реформите, интеграциите и подобрувањето во сите сфери на нашето општествено живеење, рече Груевски, истакнувајќи дека од најголема важност е фокусот кој во изминатиот период го поставиле на младите луѓе и младите политичари.

Потребни ни се, нагласи премиерот, луѓе со високи цели, образовани и мотивирани, луѓе со чувство, со визија, луѓе кои ги споделуваат принципите на Аденауер за мир, демократија, интеграција, меѓусебно почитување и разбирање.

Груевски укажа дека „Конрад Аденауер“ е фондација која 15 години успешно функционира во Република Македонија, достојно промовирајќи ги принципите на слобода, демократија, правда и солидарност и значајно афирмирајќи ги вредностите и целите на демохристијанската политика. Сите овие 15 години, истакна премиерот, „Конрад Аденауер“ е активен чинител во јакнењето на граѓанското општество во нашата држава преку големиот број активности за поттикнување и јакнење на дијалогот во општеството и промоција на политичката едукација во Република Македонија.

- Навистина ми е драго што сите овие години наназад „Конрад Аденауер“ е во постојан партнерски чекор со ВМРО-ДПМНЕ. Политичката едукација е наше заедничко поле на кое сите изминати години посветивме голем влог, а се со цел подигнување на стандарди во политиката и политичкото работење во Република Македонија, рече Груевски.

Потсети на 2000-та година кога Фондацијата ја отвори својата прва канцеларија во Скопје и со тоа го означи почетокот на својата официјална работа во Македонија. - Четири години потоа, од позиција на претседател на ВМРО-ДПМНЕ со тогашните пријатели од Конрад Аденауер ја дефиниравме идејата за воспоставување на прва политичка академија во Република Македонија, истакна Груевски.

Ваквата идеја, нагласи,  беше силно водена од желбата да истапиме чекор напред во изградбата на политичари од нов ков, политичари кои ќе ги споделуваат демохристијанските вредности, но и политичари кои ќе ги споделуваат вредностите на работа од западните демократии.Посочи дека со таква замисла ја дефинирале идејата за воспоставување на прва политичка академија во организација на ВМРО-ДПМНЕ и Конрад Аденауер и која ја одржале во 2004 година.

- Од тогаш поминаа 11 години во кои над илјада учесници од најразлични возрасти, структури и политички нивоа земаа учество во високи професионални обуки на голем број различни теми. Се работеше со млади луѓе, но и со високо профилирани политичари и носители на јавните функции, рече Груевски.

Истакна дека Фондацијата „Конрад Аденауер“ многу помогнала и во размена на искуства меѓу Бундестагот од Германија и Собранието на Република Македонија. Многубројните обуки за самите пратеници, но и за асистентите на пратеничките групи, појасни, се само дел од низата активности во насока на јакнење на капацитетите на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

- Се чини од најголема важност е фокусот кој во изминатиот период го поставивме на младите луѓе и на младите политичари. Преку програмите за стипендирање и едукација на „Конрад Аденауер“ поминаа голем број млади талентирани лица кои како идни кадри ќе се соочат со предизвиците на новото време, како од национално, така и од глобално значење, потенцира Груевски.

Значењето кое ВМРО-ДПМНЕ го дава на младите, рече премиерот, се огледа и во структурата на луѓе со кои ВМРО-ДПМНЕ се потпира како во своето политичко функционирање, така и во раководењето на институциите на системот.

- Во целата наша поставеност токму младите се нашата носечка сила и сосема заслужено голем број од нив денес се членови на највисоките партиски тела, членови на Владата, директори и други носители на јавни функции. Многу од тие кадри се и стипендисти на „Конрад Аденауер“, што јасно говори за влијанието кое Фондацијата го имала во нивната изградба како политичари, додаде премиерот Груевски.

Генералниот секретар на Фондацијата „Конрад Аденауер“ Михаел Тилен рече дека партнерството за Фондацијата „Конрад Аденауер“ не е само збор, партнерство на исто ниво било а и понатаму е принцип на нивната работа и тоа насекаде каде делуваат.

- Партнерството и овде во Македонија претставува клуч за успешна работа на оваа фондација.  На  1 јули 2000 година ја отворивме нашата канцеларија во Скопје. Оттогаш со нашите партнери можевме да организираме повеќе од 500 настани со над 20 илјади учесници и да објавиме над 100 публикации, рече Тилен.

Според него, од сега па натаму треба форумот да се случува со менување една година во Скопје, а другата во Берлин и тој треба да претставува платформа за дијалог.

- Во Македонија европската интеграција и меѓурелигиозниот дијалог претставуваат важни тежишта на нашата работа, додаде Тилен.