Македонија
10. December 2015 - 14:05

Груевски: СДСМ бега од избори, а нивните министри се во грч, лажат и манипулираат

Едно треба да е јасно. Нема да дозволиме проектите и ветувањата кои сме ги дале кон граѓаните на минатите избори и заради кои ја добивме огромната поддршка да бидат запрени иако има такви обиди, порачува премиерот Никола Груевски. 

Одговорајќи во интервју за веб порталот „Прес24“ на прашањето како е задоволен од коалицирањето со СДСМ во моментов, Груевски вели дека СДСМ испорача партиски кадри кои ќе пробуваат со ниски удари да креираат случаи, да лажат и манипулираат.

- Ние, а и целата јавност веќе навикна на нив. Само очекувам да паѓаат од апсурд во апсурд, сами во својата стапица, да се демантираат самите себе после некое време, како што тоа му стана пракса на лидерот на опозицијата. Еве колку време помина, дали вие сте слушнале една конструктивна работа од нив? Еве, наједноставно прашање, дали сте слушнале да предложат некој проект во ресорите? Не, нагласува премиерот.

Премиерот додава дека кандидатите кои СДСМ ги предложи се партиски. - Тоа е она што го имале на располагање во моментот и ние по прашањата кои се од интерес на изборниот процес, но и генерално сме подготвени да соработуваме со нив. Генерално оставаат впечаток на згрчени луѓе кои се под голем партиски притисок да прават работи кои се недостојни во најмала рака, со цел да им донесат некој партиски поен. И нормално е човек кога е под притисок и таков стрес каков што тие го рефлектираат, да прават и грешки, да пробуваат да делуваат неаргументирано, површно, онака без посебно размислување, но тоа беше и очекувано, додава Груевски.

Според него, на слободата и демократијата веднаш се заборави, со самото седнување во фотелјите што е импресивно за гледање и анализа, особено возбудата која ја имаат, насочени во тотално погрешен правец, не сфаќајќи ја сопствената одговорност пред граѓаните и државата. 

На прашањето што сега се случува во преговорите со СДСМ, Груевски истакнува дека се е многу едноставно.- СДСМ преговара со две можни цели, или да биде комплетно како што тие сакаат или ако нема договор да се одложат изборите. За ДИК на пример, нивниот напор е или од двата Македонци експерти двата да се скриени нивни членови или подржувачи, или ако тоа не го прифатиме во еден момент да кажат дека заради одолговлекувањето мора да се пристапи кон одлагање на изборите, а ако не се одложат дека тие нема да учествуваат. Истото и за медиумите. Или да се сменат законите онака како што сакаат и под превезот на неутрален да постават партиски човек на чело на Агенцијата за медиуми и на ист начин мнозинство во советот на МРТ, и потоа да почнат пресметка со сите медиуми кои знаат да кажат некоја критика за нив, или се закануваат дека нема да одат на избори, објаснува премиерот.

Свесни се, додава, дека ја немаат ни одблиску довербата на мнозинството граѓани и поставуваат услови со кои би се обиделе со загушување и притисок на медиумите, како и со надгласување во ДИК да обезбедат малку помал пораз од тој кој анкетите на јавното мислење кои сами си ги нарачуваат им го покажуваат.

- Демократијата на дело ете ја. Да има забрана за коментари, да не смее никој да каже за нив ништо, па не е ни чудно што на сите анкети ако го поставите прашањето дали СДСМ би биле подемократска власт од ВМРО-ДПМНЕ, разликата е огромна дека СДСМ би биле многу понедемократска власт, вели Груевски и додава дека СДСМ е во агонија, од која прави чекори на очајник, барајќи излез.

- Ги чека тежок пораз, и не знаат како да се справат со тоа. Така е кога една партија својата стратегија ја гради само на еден столб, кога влегува во валкан обид со креирани нелегално стекнати материјали да го победи својот противник, без идеја и програма, без елементарно чувство за државните интереси и интересите на народот. Таа валкана и нечесна игра не помина кај мнозинството од народот и сега имаат проблем. Се вртат кон тие кои ги куражеа, разноразни политички платеници, тезгари и одамна фрустрирани губитници во политиката, и нив ги нема со нова идеја, освен или бегајте од избори, или направете нова манипулација. Кога и тоа нема да им успее, кога ќе се свртат за совет кон истите, на нив ќе им го видат само грбот, потенцира Груевски.

Според него, тажни се секоја приказна и завршеток на вакви нечесни игри во кои влезе Заев со свитата. На крајот сите ќе им го свртат грбот.