Македонија
4. December 2016 - 15:46

Груевски: Холандска компанија ќе инвестира во „Агро Лозар“ од Богданци

Преку компанијата „Ино фрут“ од Холандија планирана е инвестиција во пропаднатиот комбинат „Агро Лозар“ од Богданци, најави денеска на средба со граѓани во ова населено место лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на кандидатската листа во Четвртата изборна единица на коалицијата Никола Груевски.

Со оваа инвестиција се предвидени, како што потенцира Груевски, 130 вработувања.

Тој најави и продолжување на реализацијата на втората фаза од паркот на ветерни електрани во вредност од 21 милион евра.

- Општина Богданци ќе биде опфатена и со проектот рурални развојни зони со кои се предвидуваат даночни и други ослободувања како и финансиска помош за лица кои сакаат да отворат бизнис во руралните подрачја во Селемил, Стојаково, Ѓавато и Богданци, рече Груевски.

Посочи дека е планирано да се реконструираат патиштата Гевгелија-Богданци-Фурка, Богданци -Гевгелија, Стојаково-Селемлија, како и градба на нови улици во Стојаково. Ќе се изгради и фекална канализација во Селемил. Во Богданци е предвидено отворање на нова детска градинка, ново кошаркарско игралиште, доградба и реконструкција на домовите за култура во Босилово и Радово, изградба на магистрален гасовод Штип-Хамзали-Струмица-Гевгелија со тоа што природниот гас ќе стане достапен за граѓаните на Богданци и другите населени места долж гасоводот.

Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ е предвидено продолжување со реализација на втората фаза од проектот за наводнување на Јужно вардарската долина за наводнување на новите 4.500 хектари земјоделско земјиште во атарот на Богданци, Гевгелија и Валандово. Оваа инвестиција е во вредност од 20 милиони евра.

Груевски пред жителите на Богданци зборуваше и за намалување на бројот на вработените во Македонија. Притоа истакна дека ова бројка во изминатите години е намалена за 160 илјади лица и рече оти во следните четири години се предвидени отворање на нови 70 илјади работни места со што невработеноста во државата би достигнала 17 односно 18 отсто.

Лидерот на ВМРО кажа дека во нивната програма е предвидено продолжување на реализацијата на проектот Македонија вработува два со кој е предвидено ослбодување од плаќање данок и социјални давачки за вработување на пет целни групи и оти проектот ќе продоложи најмалку до април 2017 година.

Најави намалување на ставката на ДДВ од 18 на пет отсто за печки и котли на палети и на пелети за греење, намалување на ДДВ за ветеринарните лекови и услугите на ветеринарите, како и за влез на спортски натпревари и за изнајмување на спортски објекти.

- Ќе продолжи поддршката на македонските земјоделци со нови 600 милиони евра за земјоделците за субвенции, рече Груевски.

Посочи дека ќе биде обезбедено зголемување на социјалната и на постојана парична помош за 50 отсто во наредниот четиригодишен период, како и зголемување на платите во јавниот сектор и на пензиите за 10,25 отсто.

Лидерот на ВМРО побара од граѓаните на Богданци во недела да гласаат за оваа партија, да гласаат за себе и за своето семејство, да гласаат за Македонија независна, унитарна Македонија која се стреми за влез во НАТО и ЕУ...

Важно е, рече тој, со колку гласови ќе победи ВМРО-ДПМНЕ на овие избори и доколку добиеме 63 пратеници продолжување на кризата на Македонија нема да биде возможно. - СДСМ и здружената опозиција се свесни дека нема да победат, потенцира Груевски додавајќи тие сега се борат за само што повеќе гласови.