Груевски ги посети жителите на Бутел оштетени во поплавите
Околу 120 куќи во населбата Бутел 1 во општина Бутел се оштетени од поплавите што го зафатија Скопје викендов.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски вечерва придружуван од неколку министри во Владата и од градоначалниците на Град Скопје и на општина Бутел, Коце Трајанвоски и Петре Латиновски, посети дел од семејствата чии домови настрадаа во поплавите.
Во разговор со жителите беше побарано итно да се изврши дезинфекција на поплавените куќи каде што целосно е отстранета водата и калта по елементарната непогода во поплавата.
Министерот за здравство Никола Тодоров во телефонски разговор со Груевски истакна дека уште вечер ќе се изврши проценка на потребите и утре ќе се пристапи кон дезинфекција на живеалиштата. Информира и дека покрај илјада пумпи за вадење на водата, веќе се пристигнати и 120 пумпи за отстранување на кал, набавка извршена за потребите на Владата и на градот Скопје.
Жителите во разговорот со Груевски побараа да се најде и целосно решение за овој дел од општината со изградба на атмосферска канализација. Во тој контекст, градоначалникот на општина Бутел Латиновски информира дека веќе се размислува за изградба на атмосферска канализација која ќе ги прибере водите од тој дел од општината кон реката Серава.
Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски истакна дека дел од водите коишто се создаваат во услови на поинтензивни врнежи може да се решат и со нивно поврзување со атмосферската канализација која ќе се гради долж обиколницата, а за што рече треба да се направи соодветен проект во соработка со Градежниот факултет.
Жителите кои претрпеа штети од поплавите посебно беа заинтересирани за начинот на кој општината и Владата ќе помогнат во санирањето на последиците од штетите.
Градоначалникот Латиновски информира дека веќе е формирана општинска комисија која треба да изврши проценки на штетите и досега се посетени вкупно 36 домаќинства.
По извршената проценка ќе се пристапи кон обештетување на настраданите. Општина Бутел им помогнала на населението и во отстранување на водата од нивните домови.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Груевски истакна дека Владата откако ќе се изврши првична проценка на штетите ќе донесе одлука за тоа на кој начин да се пристапи кон обештетување на настраданите во поплавите.
- Има комисии за проценка на штета. Владата потоа ќе расправа по тие прашања во смисла што ќе може да помогне за таа штета. Има неколку видови на штета, има штета на покуќнини, на земјоделски површини и добиток и штета на инфраструктурни објекти. Во голем дел од Гази Баба асфалтот од цели улици и патишта е откорнат. Така што Владата ќе треба да заземе став што ќе може и за колку време сето тоа ќе може да се санира. Што се однесува до штетите од инфраструктурен тип најверојатно ќе се оди на опција да се намалат средства од други позиции како што е на пример изградба на патиштата за да се санираат постојните штети. Односно, се планира реалокација на средства за што ќе биде потребно измена на закони за да може поитно да интервенираат на најкритичните места каде е загрозено населението, рече Груевски.
Во однос на угинати животни и на земјоделството, додаде дека Владата ќе помогне откако ќе донесе одлука. Предуслов за тоа е да се направи проценка на штетата.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посети и неколку домови каде водата направила огромни штети. Од поплавата оштетени се и голем број подруми во овој дел од општина Бутел.
Жителите од поплавените подрачја од општина Бутел изразија посебна благодарност до Груевски што ги посети во услови кога се справуваат со последиците од поплавите кога им е најпотребна помош.
Ново на Сител
-
Приведен стружанец осомничен за измама
-
„Кликс“: Во тек е акција за приведување на министерот за безбедност на БиХ, Ненад Нешиќ
-
Казахстан: Причините за падот на азербејџанскиот авион се уште не се познати
-
Лавров: Русија бара траен мировен договор што ќе ја гарантира нејзината безбедност
-
Леќа што сама му нанесува лек на окото
-
Дончиќ повторно се повреди
-
Приведен крадец во Карпош, одземеното вратено на сопственичката
-
Од 1 јануари Македонија добива нов скијачки центар „Михајлово“