Македонија
1. јуни 2016 - 15:56

Груевски: Државните институции се целосно фокусирани на реформските приоритети

Институциите се во длабока фаза на подготовка на законски измени, одлуки, мерки и чекори кои треба да се направат во правец на исполнување на итните реформски приоритети кои се значајни за напредокот на Република Македонија и нејзиното приближување кон Европската унија.

- Од она што сум информиран, државните институции се целосно фокусирани на подготовките на првите предлози или предлозите кои како пакет треба да дојдат од нив  во наредните денови и недели во делот на исполнување на итните реформски приоритети, согласно со барањето на извештајот на ЕУ, популарно наречен извештјаот на Прибе, изјави попладнево лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во врска со Акцискиот план за реализација на приоритетите и засилениот институционален ангажман за нивно спроведување кој завчера го најави премиерот Емил Димитриев. 

Груевски, кој денеска присуствуваше на отворањето на контактна канцеларија на Фондот за иновации и технолошки развој, изјави дека е информиран оти во повеќе области, тргнувајќи од судството, медиумите, администрацијата, безбедноста и во повеќе други области, институциите со полна фокусираност и со сите капацитети работат да ги подготват првите чекори и тоа што е потребно за да се почне со процесот на исполнување на барањата.

- Тие, генерално, ќе бидат добри и за Република Македонија, заради зајакнување на државата и зајакнување на институциите. Потоа, откако ќе бидат готови, ќе бидат споделени со многу меѓународни и домашни експерти, меѓународни организации и сите оние кои можат и треба да бидат инволвирани во разгледувањето и дооформувањето на овие проекти, вклучувајќи ја и опозицијата. Ќе имаме еден процес на инклузивност на опозицијата, доколку таа тоа го сака,  да може  да биде вклучена во дијалог и дебати за сите овие работи, додаде претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.