Груби: Нема раскол во ДУИ
Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, денеска изјави дека ДУИ може да функционира и без него.
– Не само ДУИ, било која политичка партија, било која институција, било кој општествен процес може без секого. Никој не е незаменлив. Но, се наоѓаме во пресудни моменти, ви кажав и сметам дека сите треба да дадеме придонес за да ги надминеме сите кризи со коишто се соочуваме и да дадеме придонес за успешно реализирање на сите проекти, рече Груби по настанот „Цивилната заштита помеѓу институциите и граѓаните“ во организација на Дирекцијата за заштита и спасување.
Во одговор на прашањето дали заслугите во ДУИ си ги припишува лично на себе или и на потписниците на писмото од членовите од партијата од скопското крило, во кое се бара негово повлекување од позициите, Груби рече дека тој има најмалку заслуги, а најмногу заслуги има партискиот лидер Али Ахмети и народот и граѓаните што гласале за партијата.
– Сите достигнувања на ДУИ, го носат потписот на сите од 2002 до 2022 година, додаде Груби.
Тој негира дека има раскол во ДУИ. – Нема раскол во ДУИ, ги видовте средбите вчера, сите се построени позади Али Ахмети, рече Груби, додавајќи дека „на Али Ахмети не му треба народот, туку на народот му треба Али Ахмети“, не коментирајќи ги обвинувањата против него.
Според него, ДУИ е посилна од кога било и поквалитетно застапена од кога било во државните институции, реализирајќи ги сите проекти.
– ДУИ е стабилна. Во време кога се соочуваме со енергетска и ценовна криза, со процесот на скрининг и ветингот што е повеќе од потребен во политиката, кај политичарите, судиите, обвинителите, како и борбата против корупцијата и организираниот криминал, кога се соочуваме со скрининг и потребата за отворање на Уставот со 80 пратеници, кога сме на завршување на патот од Скопје до Тирана со автопат, од Скопје до Приштина со автопат, кога ги заокружуваме сите овие проекти, немаме потреба за непотребно дефокусирање и ние сите сили ги имаме фокусирано на реализацијата на овие програмски прашања, оцени Груби.
Во однос на информациите што се појавија дека нов министер за локална самоуправа ќе биде Ристо Пенов, Груби рече дека не знае оти Пенов ќе биде нов министер.
– Оставка има поднесено колегата Горан Милевски. Оставката треба да се потврди од премиерот и на нова седница на Собранието треба да се потврди, а потоа либерал демократите треба да поднесат предлог до премиерот, по што премиерот ќе треба да поднесе предлог до Собранието за да се избере нов министер за локална самоуправа, одговори Груби.
Членови на ДУИ викендов испратија писмо до јавноста во кое обвинија дека во партијата речиси две години не постојат и не се формираат статутарните партиски тела и дека политичкото одлучување, како што велат, станало индивидуално. Во писмото, потпишано од 20-тина членови, меѓу кои и Изет Меџити, Муса Џафери, Висар Ганиу, Невзат Бејта и Блерим Беџети, а испратено преку меил адресата на општина Чаир, се бара внатрепартиска дебата за да се надмине состојбата и го повикуваат лидерот на партијата Ахмети „да го искористи својот политички и статутарен авторитет за да се најде решение за зачувување на партиското единство“.
Вчера Ахмети имаше средба со овие членови од партиските ограноци од Чаир и Сарај, по која рече дека состанокот поминал добро и оти ниту една ситуација не е непоправлива.
– Извршната власт има други проблеми, органоните и општините имаат други проблеми и природно се појавуваат противречности меѓу овие институции. Со извршната власт, раководители на ограноци зборувавме да се средат тие нејаснотии, недоразбирања. Во спротивно, нема ништо загрижувачко. Нема ништо од тоа што се зборува дека ќе се создаде нова партија, изјави Ахмети, додавајќи оти меѓучовечките односи се над се.
Ново на Сител
-
Каминандо Фронтерас: Повеќе од 10.000 мигранти загинати годинава по морски пат до Шпанија
-
Муцунски: Соработката со Република Турција е наш значаен приоритет, им стоиме на располагање на претпиемачите за олеснување на реализацијата на деловните планови
-
Сите четири аеродроми во Москва привремено затворени
-
Египет, Грција и Кипар ќе одржат самит во Каиро за зајакнување на партнерството во услови на регионални предизвици
-
ДПИ: Цените на производите од „новогодишната кошница“ се намалени за 10 отсто
-
Пакистанскиот воен суд осуди 60 цивили на затворска казна од две до десет години
-
Нема ризик за безбедноста, државата е во сигурни раце, вели Мицкоски
-
Вработен во Финансиска полиција осомничен во случајот „Државна лотарија“