Балкан
9. July 2015 - 23:05

Грчките весници може да престанат да се печатат поради недостиг од хартија

Некои грчки весници може да останат без хартија и ќе бидат принудени да го запрат печатењето, се додека не отворат банките, јави БТА.

Ограничувањето на повлекување пари од банкоматите и на банкарските трансакции го влоши животот на милиони Грци, а колоните пред банките и банкоматите се секојдневна глетка, а локалните медиуми се исто така жртва на мерките, воведени кон крајот на јуни.

Најпродаваниот весник на островот Лезбос, „Емброс“ веќе го намали бројот на страниците од 20 на 16. 

- Имаме проблем со доставките на хартија, изјави неговиот извршен директор Манолис Манолас. 

Најпродаваниот весник во Грција, „Та неа“ напиша во редакциски материјал дека ќе издава само 32 страници, бидејќи резервите од хартија ќе бидат доволни само за неколку дена.