Балкан
17. February 2020 - 9:50

Грчките медиуми за распуштањето на Собранието

„Распуштено Собранието во Македонија“; „ Македонија: Предвремени парламентарни избори на 12 април“; „И официјално оди кон избори Македонија“; „ Македонија: Распуштено Собранието  – предвремени парламентарни избори“, се дел од насловите во грчките медиуми, кои ја пренесуваат веста објавена од грчката новинска агенција АНА-МПА, јави дописничката на МИА од Атина.

Во текстот на АНА-МПА, пишува дека за распуштањето на Собранието „гласаа пратениците од сите партии“ и дека изборите ќе се одржат на 12 април 2020 година.

-Одржувањето предвремени парламентарни избори, побара минатиот октомври, тогашниот премиер на Македонија, Зоран Заев, по одбивањето на Европскиот совет да започнат пристапните преговори на Европската унија со Македонија, пишува грчката новинска агенција.

Паралелно, во посебни извештаи, грчките медиуми ја пренесуваат и изјавата на претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајнен, за време на неформалната работна вечера во Брисел за Западен Балкан.

-Претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајнен изјави дека сака балканските земји да се поврзат колку е можно потесно со Европската унија, обидувајќи се да ја сменат атмосферата на разочараност поради инсистирањето на претседателот на Франција Емануел Макрон да не одобри почеток на интегративниот процес, пишува АНА-МПА.

-Европски извор објасни дека целта на оваа неформална работна вечера беше „да започне политички дијалог на највисоко ниво со Македонија, Србија, Косово, Албанија, Црна гора и Босна за да се сфатат нивните очекувања пред да започнат подготовките за самитот во Загреб на 17 мај“, пишува „Катимерини“ во текстот во кој користи информации од грчката, германската и француската новинска агенција.

Во продолжение, ги пренесува и изјавите на албанскиот премиер Еди Рама и на шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, кои лошото време во Брисел и тешкотиите со кои се соочија при слетувањето, метафорично ги искористија за да се осврнат на европскиот пат на двете земји.