Македонија
21. September 2019 - 9:41

Гравот „тетовец“ го има сè помалку на нивите и се продава сè поскапо

Препознатливиот грав „тетовец“ периодов се продава по значително висока цена од 300 денари за еден килограм. На зелениот пазар во Тетово 300 денари е гравот од годинашната реколта, додека за собраниот род од минатата година се бараат од 200 до 250 денари. Продавачите велат дека цената секако влијае врз продадените количини, но сепак се купува од страна на граѓаните.

– Поради цената се внимава на тоа колкава количина ќе се купи. Јас имам тазе грав од Требош и Палатица, се купува, ама не во големи количини. Минатата година се продаваше тазе грав од 180 до 200 денари, вели Арслан Бекири, продавач на тетовскиот зелен пазар.

Оние што ја одгледуваат оваа земјоделска култура велат дека се повторуваат 2015 и 2017 година, кога временските услови, како и инфраструктурната непогодност влијеа на тоа да има слаб род.

– Намален е родот оваа година на нивите. Кај нас е послабо од минатата година. Иако сè уште не сме завршиле со бербата, може слободно да кажам дека нема да имам многу грав за собирање. Причината да нема поголем род е во тоа што, на пример, кај нас вода немаше доволно. Имаше малку дождливи денови во текот на летото и тогаш се „исуши“ гравот. Исто така, немаше доволно вода по каналите за наводнување како што кажуваат и другите земјоделци, објаснува Драги Илиевски, земјоделец од селото Фалише.

Одгледувањето на гравот „тетовец“ со години наназад воопшто се намалува и според бројот на површини. Луѓето сè повеќе се откажуваат од гравот поради неисплатливоста.

– Гравот е тешка култура за работење. Во времето кога расте потребно е да се најде многу вода. Кога се бере е тешко, мачно за работа. Се собира во август и во септември, кога уште е топло. Нема луѓе да се најдат за да работат на собирање, па еден земјоделец сега веќе сее грав на површина толку колку што може сам да изработи, потенцира Драги Илиевски.

Агрономот Бранко Карапејовски објаснува дека кога земјоделците добиваат помалку грав, тоа е поради топлото време и високите температури, кои влијаеле врз културата во фаза на цветање. Жештината придонела да не процвета цветот кај оваа култура во најважниот момент при созревањето.

– Со новите климатски промени, особено кај гравот во време на цветање доколку се појават високи температури и слаба релативна влажност доаѓа до отфрлање на цветот и со тоа имаме последица да не врзе, односно да не плодоноси гравот. Но поради тоа што гравот заедно со пченката се сее и во период на цветање може да се случи не секаде да цвета еднакво и затоа имаме одредени површини, одредени делови каде што има појава на грав плодоносен, а некаде нема. И во таа ситуација е намалено производството на грав, а тоа е последица од високите температури во време на цветање. Кај гравот тоа е една од карактеристиките, не секогаш, ама во вакви ситуации доведува до намален принос, вели агрономот Бранко Карапејовски.

Исто така потенцира дека во тој дел од процесот на одгледување на гравот, земјоделците немаат можност директно да влијаат, туку зависат од временските пригоди.

– Се разбира и други фактори можат да влијаат, тоа е недоволна зафатеност на влада, вода и други фактори, но најголемиот фактор е во однос на тоа да нема плодоносење при високите температури во време на цветање. Кај другите фактори може да се интервенира, но последиците од високи температури тешко можат да се спречат, истакнува Карапејовски.

И стручните лица и производителите велат дека површините се намалуваат и поради немањето организиран откуп на гравот, како на пример со праските. Земјоделците претежно гравот го продаваат на зелените пазари, а само ретки одгледувачи успеваат да пласираат поголемо производство во странство.

Во зависност од условите за одгледување кога има сушна година се проценува дека намалувањето на родот на гравот варира од 50 до 90 проценти. Во добри години се смета дека треба да има 1.000 килограми грав од еден хектар. Во Тетовско, препознатливиот грав „тетовец“ земјоделците го одгледуваат заедно со пченка, што служи како потпорна конструкција за растење во височина.

Гравот се сее кон крајот на април и во почетокот на мај, а се бере почнувајќи од последните денови на август, но и во текот на септември.

Гравот „тетовец“ е препознатлив дека по варењето ја задржува компактноста, па лушпата малку се одделува од зрното. Заштитен е во Државниот завод за индустриска сопственост со неговото географско потекло и карактеристики.

Александар Самарџиев/МИА