Македонија
5. May 2020 - 14:37

Границите остануваат затворени најрано до крајот на мај

До крајот на месецот Македонија нема да ги отвори границите, потврдуваат здравствените власти. Кога граѓаните ќе може да патуваат надвор од државата и под кои услови се уште не е прецизирано. Ова ќе биде тема на разговор и на попладневната кординација на Министрите за здравство од регионот со претставници на СЗО, пред утрешниот ЕУ самит. После ова треба да се знае какви мерки треба да преземе секоја земја за влез и излез од нејзината територија. Не се исклучува можноста за меѓудржавни договори и почитување на одредени критериуми поради коронакризата како и задолжителни негативни тестови на Ковид-19 стари неколку дена доколку сакате да патувате дури и во соседството. Грција, Србија и Хрватска веќе ја споменуваат оваа превентивна мерка.

Иако некои авиокомпании веќе почнаа да продаваат билети, Министерот за транспорт изјави граѓаните да не прават резервации бидејќи уште не е прецизирано кога ќе профункционираат аеродромите.

Во пресрет на летните одмори скоро сите земји од регионот најавија отворање на плажите но под посебни услови. Во Грција сезоната најверојатно ќе почне на почетокот на јули, а во Црна Гора еден месец порано, но со ограничен број на капачи, редовна дезинфекција и контрола на водата на секои 10 дена и задолжителни маски ако не може да се држи растојание.