Граничниот премин Евзони затворен од 18 до 22 часот по локално време

Земјоделците од северниот дел на Грција кои веќе 16 дена нивните трактори ги имаат паркирано на граничниот премин Евзони, попладнево повторно ја блокираа границата за сообраќај на сите возила на влез и излез од Грција кон нашата земја во периодот од 18 до 22 часот по локално време, јави дописничката на МИА од Атина.
Според грчката новинска агенција АНА-МПА, за вечерва планирана е блокада и на граничниот премин Ники (Меџитлија) од 19 до 23 часот по локално време, а ќе се однесува само на товарните возила.
Блокади има и на другите гранични премини, на Кипи кон Турција, каде што не е дозволен сообраќај на камиони, додека пак на Промахонас кон Бугарија, земјоделците попладнево ја затворија границата за товарни возила, на неодредено време, со што, според државната телевизија ЕРТ, и на грчка и на бугарска страна веќе има километарски колони од камиони.
Во текот на утрешниот ден, земјоделците ќе одржат нов состанок за да ги одредат нивните следни чекори.
Протестите на земјоделците започнаа на 30 ноември, поради зголемените трошоци за производство и ниските цени за продажба на нивните производи, поради скандалот со европските земјоделски субвенции, а главното барање е исплатата на заостанатите субвенции.
Низ цела Грција поставени се над 60 блокади, главниот блок е кај Никеа, во близина на Лариса, на автопатот Солун – Атина, што е затворен и сообраќајот се одвива по споредни патишта.
МИА
Ново на Сител
-

Во Женева заврши првиот ден од преговорите меѓу Русија, САД и Украина
-

Тројца загинати во експлозија во зграда на руската воена полиција
-

Зеленски: Досега од Русија се вратени 2.000 украински деца
-

Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар - Стража - Кичево
-

ФИФА загрижена поради слабиот интерес за Светското првенство 2026
-

Зголемени производството и продажбата на шумски сортименти во државните шуми
-

Врнежи од снег со послаб интензитет на Пониква, магла до 150 метри на Пресека
-

Судот го одби барањето за укинување на притворот на обвинетите Васев и Нухи во „Онкологија 2“
