Македонија
27. February 2020 - 15:05

Граѓаните слободно да патуваат во земјите во кои нема коронавирус, порачува директорот на Агенцијата за туризам

Граѓаните да останат смирени, да не креваат тензии и слободно да патуваат, ако планирале, во земјите во кои нема коронавирус, но не и во кризните подрачја, апелира директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), Љупчо Јаневски.

Според него, затворањата на границите во некои држави ќе се одразат врз туризмот глобално. Во регионот, пак, засега најзасегнати се Словенија, Хрватска и БиХ каде аранжамните на кинеските туристи  за јануари, февруари и март се откажани, а се работи за околу еден милион ноќевања.

-Се надевам дека состојбата ќе се релативизира.Граѓаните да на ја подигнуваат тензијата на повисоко ниво од она што е. Слободно да патуваат во земјава и во земјите за кои нема препорака од Владата да не се патува. Сметам дека сé повеќе патувањата ќе се ограничуваат на помали дистанци и сé повеќе ќе се вртиме кон домашниот и регионалниот пазар. Ние продолжуваме онлајн да ја рекламираме земјава во Европа. Во овој момент разговараме и со голем број тур-оператори кои уште немаат откажување на аранжамните во Северна Македеонија, истакна Јаневски.

Во Агенцијата денеска беше формирано координативно тело кое, како што беше речено, ќе ја следи состојбата со коронавирусот и соодветно ќе реагира, зависно од текот на случувањата. Телото ќе заседава еднаш неделно и веднаш ќе ја информира јавноста за секоја одлука што ќе биде донесена.

-Всушност, формиравме работна група во која членуваат претставници од коморите, асоцијациите и здруженијата за туризам, претставници од Министерството за економија и Агенцијата. Донесовме неколку заклучоци, меѓу кои и дека ќе се придржуваме до сите препораки на Светската здравствена организација и мерките што ќе ги пропише Владата во однос на коронавирусот, информира Јаневски.

Шофкет Хазари од Министерството за економија потврди дека домашните туристички агенции побарале насоки како да се однесуваат во новонастанатата ситуација, посебно во однос на трошоците кои ќе настанат поради откажувањето на аранжманите.

-Според пакетот за патување сé е содржано во договорите. Постои и Закон за облигациски односи. Со овие два елемента е сé регулирано. Тука се договоривме да се разгледаат откажувањата зашто нормално ќе ги има, посебно од регионите кои се веќе во карантин, како оние во Италија и во Кина. Ќе видиме како ќе постапиме. Ако има потреба од друга мерка, треба Владата и Министерството да заземат став. Како ќе се одвива ситуацијата, така ќе постапуваме, ќе се прилагодиме кон ситуацијата. Се договоривме да се донесе заклучок на ниво на Влада за идните мерки кои треба да се преземат во делот на туризмот, рече Хазари и додаде дека фондовите со кои располагаат Министерството и АППТ повеќе ќе се фокусираат на домашниот туризам.