Граѓани вртат кругови да најдат паркинг - хаосот со паркирање на Клинички со години е секојдневие
-Доколку дојдете околу 7.30 часот наутро можеби ќе најдете слободен паркинг. Меѓутоа, секое влегување на Клинички после 9 или 10 часот е вистинска лотарија и побрзо ќе закажете преглед отколку да најдете место за паркирање.
Нервозни граѓани и пациенти, свирења, гужви и хаос и по улиците и по тротоарите. Така е денеска, истото беше и во петокот, но и со години наназад. Паркингот е болна точка за секој кој има потреба на клиниките.
-Јас во извештај влегов, излегов, чекав 30 минути на улица 50 Дивизија, се паркирав на Цветен и се вратив за да завршам работа.
-Барав 20 минути, се паркирав, па ме блокираа.
-Вртев еден круг, па втор, па трет, па некој да излезе и јас да се паркирам.
-Еве 40 минути досега, ако имам среќа ќе видам..А што доколку имате итен преглед? Ако имам ќе видиме дали ќе поминеме..Хаос невиден.
-Нема паркинг, еве го човекот 30 минути врти, реагираат граѓани.
Нејасно е уште колку долго ќе продолжи хаосот со паркирање на Клинички. Ѓока од Албанија која како единствена фирма го доби тендерот, веднаш ќе ја зголеми цената на 50 денари од час а ќе биде во форма на јавно приватно партнерство.
Но поради бурните реакции од јавноста, надлежните велат може и да не биде потпишан договор со компанијата иако ги поминала сите филтри освен одобрување од Владата.
-Многу ми значи гласот на јавноста и по тоа ќе видиме и ќе процениме и како Влада и како министерство дали да го тераме процесот, или, пак, да се вратиме на почеток и да обајвиме нов тендер за паркингот, но да го имаме во предвид и тоа дека тоа ќе трае најмалку 1 година, вели Арбен Таравари, министер за здравство
Неколку министри за здравство повеќе од 10 години ветуваа решавање на паркирањето во Клинички со изградба на катни гаражи. Но освен физибилити студии и најави, на терен состојбата е хаотична и граѓани велат – и здрави ќе се разболат додека најдат паркинг место.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар