Македонија
13. August 2016 - 11:54

Градоначалникот на Солун понуди помош за настраданите во невремето

По повод катастрофалното невереме што го зафати скопскиот регион, телеграми со сочувство до претседателот на Република Македонија  Ѓорге Иванов, упатија претседателите на повеќе држави од регионот и светот, соопшти денеска неговиот кабинет.

Сочувство за настраданите во невремето вчера упати и градоначалникот на општина Солун, Јанис Бутарис.

- Бидете уверени дека општина Солун и покрај тешкото оптоварување во обезбедување на хуманитарна помош за неколку илјади мигранти и бегалци, е подготвена и има волја да соработува со надлежните институции од вашата земја, со цел олеснување и помош на настраданите граѓани. Би ценеле  доколку ги посочите конкретните потреби од наша помош и начините за поддршка кои сметате дека се најсоодветни за да бидеме ефикасни и успешни стои во телеграмата од градоначалникот Бутарис.

Сочувство до семејствата на загинатите во елементарната непогода изрази и претседателот на Република Бугарија Росен Плевнелиев, истакнувајќи дека трагедиите од овој вид напоменуваат колку е важно да се биде сплотен во тешки моменти.

Изрази на солидарност и сочувство упати и државниот врв на Република Албанија, и воедно искажа подготвеност да и помогне на Република Македонија, за надминување на последиците од невремето со трагичен биланс.

Сочувство до семејствата на жртвите и поддршка за надминување на трагичната состојба, во лично име и во име на словенечкиот народ, упати и претседателот на Република Словенија Борут Пахор.

Изрази на жалење и сочувства до семејствата на загинатите и настраданите во невремето упатија и Република Турција, Република Полска, Република Хрватска, Унгарија, Босна и Херцеговина, Ватикан, Република Белорусија, Кралството Мароко, како и Генералниот директор на УНЕСКО Ирина Бокова. Во телефонски разговор со претседателот Иванов, сочувство за настраданите упати и претседателот на Црна Гора Филип Вујановиќ, соопшти кабинетот на македонскиот претседател.