Македонија
13. May 2020 - 16:48

Градинките се дезинфицираат но скрининг сеуште не е направен

Прво тестирање на сите негувателки и учителки па отворање на вратите на градинките. Иако скринингот требаше да стартува денеска во цела држава тој е почнат само во некои од градовите. Останатите центри за јавно здравје меѓу кои и скопскиот, сеуште ги прават списоците на вработените за да можат епидемиолозите утре да одат во предучилишните установи и на лице место да земаат брисеви. И додека чекаат да им дојде редот за тест, затекнавме објекти каде ги чистат и дезинфицираат просториите за децата кога ќе се вратат да бидат безбедни и заштитени.

- Се подготвуваме, почнавме прво со дворовите, потоа и внатре ги чистиме просториите, дезинфекција на играчките, во моментот дезинфекција и на душечињата за спиење и на теписите, вели Наде Гировска, директор на градинка Орце Николов во Карпош.

Од Министерството за труд и социјала веќе ги сумирале одговорите од прашалниците што им биде доставени на родителите.

Според одговорите од спроведената анкета, 22 проценти од децата имаат потрерба веднаш да одат во градинка, додека пак, 45 проценти ќе се вратат во предучилишните установи кога ќе заврши мерката за платено отсуство на еден од родителите.

Иако сите се подготвуваат, засега се уште не е готов протоколот како ќе работат градинките имајќи во предвид дека пред кризата во една група имаше и по 35 деца. Најверојатно, според вработените од овие установи, ќе ги следат и искуствата од другите земји.

-Ако има 10 деца во една група две учителки ќе можат да се справат и да се одржува таа дистанца. Најверојатно ќе се мери температура пред влез и ќе се обидуваме да ги заштитиме децата, вели Гировска.

По завршување на таргетираното тестирање на околу 2000 вработени во градинките, надлежните најавија дека ќе продолжат и со останатите ризични групи како што се здравствени работници, полицајци како и лицата кои престојуваат во старски домови.