Свет
20. December 2020 - 11:01

Годинава рекорден број разнесени банкомати во Германија

Бројот на разнесени со експлозив банкомати во 2020 година во Германија достигна апсолутен рекорд, објави денеска агенцијата ДПА.

Според Мартина Линк, потпретседател на Федералната служба на криминалистичка полиција, до крајот на годината се очекува ваквите случаи да бидат над 400..

Овој индикатор ќе постави апсолутен рекорд. Претходниот беше поставен во 2018 година, кога беа разнесени околу 370 банкомати. Во 2019 година, нивниот број беше 349.

Според криминалистичката полиција, годинава во 160 од случаите сторителите успеале да ја постигнат својата цел и да ги украдат парите во банкоматите. Во останатите случаи, работите не оделе според планот. Повеќето банкомати биле разнесени во државата Северна Рајна-Вестфалија, каде годинава биле ограбени 174 банкомати.

Најактивни во оваа активност се криминалните групи од Холандија, со повеќе од половина од осомничените кои се од таму. Повеќето се од Утрехт и Амстердам. Според германската полиција, некои од криминалците дошле од Романија и Молдавија. При вакви криминални дејствија, штетата од експлозиите ја надминува вредноста на парите украдени од банкоматите.