Македонија
12. February 2021 - 21:35

Година со најмалку жртви во сообраќајот или привидна статистика

2020 – година со најмалку жртви во сообраќајот – 125. Но, дали оваа бројка се должи на засилените контроли во сообраќаајот кои полицијата ги спроведува во последните неколку месеци како што тврдат надлежните институции?

Од Здружението за намалување на бројот на жртви во сообраќаајот велат дека најголем удел има пандемијата.

-2020 беше специфична година од сите карактеристики. Беше година на намалена фрекфенција на возила, година на затворени граници, беше година сите на личен план доживеавме некаков стрес. Сметаме дека податоците кои се презентирани и начинот на кој се презентирани не е релевантен, вели претседателот на Здружението, Игор Митревски.

Зголемувањето на безбедноста во сообраќајот не се само полициските контроли. Тоа е комплексен општествен сегмент кој бара постојано вложување, но и големо внимание. Иако Законот за безбедност во сообраќајот од скоро доби измени, Митревски смета дека тој нема да ги коригира состојбите.

-Корекцијата на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата и Законот за возила треба да се прави на начин да донесеме законски решенија кои ќе бидат подобри, а не да заменуваме лоши законски решенија со полоши, вели Митревски.

Во Македонија снимки од уреди во возилата не можат да бидат доказ за евентуален прекршок во сообраќајот. Во добар дел од развиените земји тоа не е така. Некаде е задолжително да имате камера во автомобилот, а некаде дури и преку снимките можете да ги пријавите несовесните возачи кои не ги почитуваат правилата.

МВР во изминатиот период врши чести контроли во сообраќајот. Според извештаите кои ги испраќа до медиумите, македонските возачи најчесто возат побрзо од пропишаната брзина, без возачка дозвола и поминуваат на црвено. Но, на социјалните мрежи, особено на ТикТок многу често можат да се забележат чаламџиски видеа на кои се гледа возење и со неколку пати поголема брзина од дозволеното.