Балкан
22. October 2015 - 9:17

Ѓукановиќ ја обвини Русија дека поттикнува насилни протести во Црна Гора

Црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ синоќа директно ја обвини Русија за поддршка на протестите во неговата земја, преку кои опозициските политички партии се обидуваат да го запрат црногорското зачленување во НАТО, пренесува Хина.

- Нема никакво сомнение после двете соопштенија од Министерството за надворешни работи на Русија дека руската политика е на страната на организаторите (на протестот), изјави Ѓукановиќ во интервјуто кое вчера го емитуваше ТВ Федерација БиХ.

Тој оцени дека токму поради тоа, актуалната ситуација во Црна Гора не е проблем кој ја засега само таа земја, туку и на сите оние кои ја поддржуваат нејзината евроатлантска интеграција.

- Ова не е битка само на Црна Гора. Ова е обид да се запре европската и евроатлантската интеграција на Балканот, оцени црногорскиот премиер.

Тој истакна дека просрпските партии кои организираат протести против црногорската Влада сакаат нејзино уривање, затоа што веруваат дека со влезот на Црна Гора во НАТО ќе изгубат секаква можност за поништување на независноста на Црна Гора.

Ѓукановиќ рече дека лично тој и неговата Влада немаат ништо против демократски избори во земјата, и при тоа истакна дека против избори се токму оние кои со протести се обидуваат насилно да ја урнат власта.

- Ако министерскиот состанок на НАТО биде на 1 декември, ние на 2 декември сме подготвени за избори, изјави Ѓукановиќ, кој очекува дека неговата земја тогаш ќе добие и официјална покана за полноправна членка во Алијансата.