Македонија
12. September 2018 - 14:08

Ѓорчев во посета на Британскиот парламент, средби со повеќе парламентарци

Пратеникот Влатко Ѓорчев деновиве престојува во официјална посета на Британскиот парламент, каде оствари средби со високи политички претставници.

Ѓорчев, како што соопштија од ВМРО-ДПМНЕ, се сретна со Мартин Викерс, пратеник во Британскиот парламент, со Лордот Боунс, кој е потпретседател на Собранието на ОБСЕ, како и парламентарците Џон Витигдејл и Рос В.

На средбата, пратеникот Ѓорчев ги информирал соговорниците за актуелната  состојба  во Република Македонија, незаконското работење, манипулациите и притисоците во врска со референдумска кампања.

Дополнително тој потенцирал дека власта врши политички прогон, со што, како што истакнал, Република Македонија е единствена земја на европскиот континент во која има политички затвореници во затворите.

Ѓорчев истакнал и дека кај граѓаните владее големо разочарување, бидејќи, според него, ништо од тоа што ветувала СДСМ не остварила.

На сите средби соговорниците го нагласиле задоволството од добрите билатерални односи помеѓу Република Македонија и Велика Британија.

- Тој се заблагодари за огромната и несебична поддршка која Велика Британија и ја дава на Република Македонија од осамостојувањето до денес, дополнително тој кажа дека Велика Британија и е сериозен трговски партнер на Република Македонија и сериозен инвеститор, нагласувајќи дека добрите односи треба да продолжат и во иднина, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Ново на Сител