Ги завел дека пешки ја поминале границата без да ги провери во систем, кривична за полицаецот кој го пушти Груби
МВР поднесе кривична пријава против полицискиот службеник Б.Ј. од граничниот премин „Долно Блаце“ во врска со преминувањето на Артан Груби на државната граница. Тој, според МВР, не извршил адекватни проверки на патничкото возило „мерцедес“ со конзуларни регистарски ознаки со кое се превезувал Груби и не го евидентирал за остварување излез од државата. Патниците од предметното возило, А.П. со дипломатска патна исправа како возач и А.Г. со македонска патна исправа како совозач, полицискиот службеник Б.Ј. ги завел дека пешки ја поминале границата. Исто така, при граничната проверка не почекал системот да утврди дали за лицата има активна мерка, туку веднаш им ги дал патните исправи, по што тие го напуштиле граничниот премин.
-Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција - Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, поднесе кривична пријава против Б.Ј. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластувања“ по член 353-в од Кривичниот законик, соопшти денеска МВР.
На 15 декември годинава во 09.06 часот, извршувајќи работни задачи на работно место полициски службеник во Полициската станица за граничен премин Долно Блаце, во кабина на излез од државата, со пропуштање на должен надзор, пријавениот дозволил излез на патничко возило џип „мерцедес“ со конзуларни регистарски ознаки, управувано од А.П. од Скопје, а сопатник бил А.Г. од Скопје, за кого постоела активна мерка „задржи и веднаш извести“, согласно распишана телеграма од Одделот за криминалистичка полиција при МВР.
-Со ваквото дејствие, полицискиот службеник Б.Ј. му овозможил на А.Г. да оствари излез од државата и покрај внесената мерка „задржи и веднаш извести“, а исто така, со дејствието нанел штета на угледот на МВР. Имено, полицискиот службеник Б.Ј. не извршил адекватни проверки за возилото „мерцедес“ при премин на државната граница, не го евидентирал за остварување на излез и патниците од возилото ги завел дека пешки ја поминале границата. Исто така, при граничната проверка не почекал системот да утврди дали за лицата има активна мерка, туку веднаш им ги дал патните исправи, по што тие го напуштиле граничниот премин, велат од МВР.
Оттаму додаваат дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди поднел предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и изрекол задолжителни мерки полицискиот службеник да биде суспендиран од своето работно место до завршување на дисциплинската постапка.
Според досегашните информации, поранешниот прв вицепремиер Артан Груби непосредно пред полициската акција поврзана со проневера од над 8,2 милиони евра во Државната лотарија, заедно со стопанственик со дипломатско возило ја напуштил земјава и заминал во Косово.
Бизнисменот кој со своето возило и дипломатските таблички го превезол Груби до Косово непосредно пред почетокот на полициската акција, е Арсим Папранику, успешен бизнисмен во регионот и сопственик на Нептун.
Во межувреме, Кривичниот суд им одреди триесетдневен притвор на Груби и на поранешниот директор на Државна лотарија Прпарим Бајрами, кој е осомничен а истиот случај. Двајцата се недостапни за органите на прогон поврзани со истрагата за Државна лотарија.
Ново на Сител
-
ФИФА го казни Шкупи
-
Нетанјаху ќе биде опериран во подземна сала поради опасност од ракетен истрел
-
Пронајдени десет мигранти во две товарни возила на граничниот премин Богородица
-
Постапка против десет лица за кривични дела поврзани со криумчарење возила
-
Во Јужна Кореја прогласена седумдневна жалост поради авионската несреќа
-
Коцевски: Од страна на Јавното обвинителство не протекуваат информации
-
Трент не го известил Ливерпул дека ќе премине во Реал
-
Почина Јагнула Куновска, македонска политичарка и адвокатка