Во пресрет на најавената седница на Советот за безбедност како и најавата за продолжување на вонредната состојба, организацијата Фронт за демократска Македонија како дел од Коалицијата ,,Никогаш северна, секогаш само Македонија“ упатува повик до претседателот Пендаровски пред да донесе одлука да размисли уште еднаш за потребата од продолжување на вонредната состојба.
„Одлуката за продолжување на вонредната состојба за нови 30 дена бара потврда од Собранието на Република Македонија кое според партиските омилени ,,експерти” на претседателот не е во можност повторно да се состане бидејќи веќе еднаш е распуштено. Според оваа логика на партиските експерти потврдувањето треба да го стори новоизбраното Собрание кое ќе се конституира дури по завршување на парламентарните избори. Имајки ги предвид уставните одредби кои дават можност ,,Мандатот на пратениците во Собранието да може да се продолжи само во случај на воена или вонредна состојба” (член 63, став 4) како и одредбата за која вели дека ,,Собранието е во постојано заседание” (член 66), оваа потврдување од страна на новиот состав на Собранието ќе биде не само од правен, туку и од политички и етички аспект крајно дискутабилно. Треба да се има на ум дека и покрај распушеноста на Собранието народните избраници и понатаму примаат плата од буџетот на државата, а кој надоместок не е спаѓа во категоријата на т.н апанажа.
Пендаровски и Владата покрај здравствениот мораат да имаат ,,сенс” и за економскиот аспект во државава кој постојано ни виси како дамоклов меч над главите. Доколку не се реагира навреме и не се првземат мерки на економски план последиците од коронавирусот ќе бидат уште пострашни. Предлагаме претседателот на државата и Советот за безбедност да не ја продолжуваат вонредната состојба за нови 30 дена, туку да ѝ препорача на техничката влада да дејствува во насока на донесување на мерки за постепено враќање во нормална состојба во неколку фази, сé со цел да заживее замрената економија. Затоа е потребно политичките партии наместо да се надмудруваат итно да склучат пакт за заедничка платформа за социјална и економска обнова на Република Македонија, а Владата да усвои економска и социјална стратегија прилагодена на ризикот. Мораме да се научиме да живееме и да се однесуваме со коронавирусот, а економијата не смее да престане ниту на микро, ниту на макро план. Потполната односно целосната изолација е смрт за економијата.
За таа цел наместо продолжен полициски час сметаме дека е потребно техничката влада да изготви дополнителни задолжителни инструкции за однесување на граѓаните на јавен и во затворен простор (фабрички хали, канцеларии, работилници, на градежни објекти, во ресторани, дуќани и др.). Потребно е да се заострат хигиенските правила во маркетите, продавниците, наплатните пунктови и во банките. Отварањето на границите мора да биде усогласено со другите држави, а сите оние кои мораат да излезат или влезат во државата задолжително да бидат ставени во три неделен карантин. Забраната за масовни собирања да продоложи и во текот на летото.
Ја замолуваме Владата и претседателот Пендаровски да ја прочитаат изјавата на премиерката на Данска, Мете Фредериксен, која јавно изјави: „Не верувам дека ќе ја вратиме Данска, онаква каква ја познававме пред корона вирусот, но мошне е важно да не ја оставиме затворена повеќе отколку што е потребно“. Впрочем мерки за постепено враќање во нормала веќе донесоа или ќе донесат деновиве поголем број држави на европскиот континент меѓу нив и најпогодените Италија и Шпанија“, соопшти ФРОДЕМ.