„Франкенштајн # Алхемија на животот“ - премиера на Драмски театар
Драмски театар-Скопје утревечер премиерно ќе ја изведе претставата „Франкенштајн # Алхемија на животот“ на режисерката од Бугарија Лилиа Абаџиева, според романот на Мери Шели „Франкенштајн или новиот Прометеј“.
Абаџиева на прес-конференција рече дека идејата на претставата е дали е можно современиот човек да си одговори на прашањето: Кој сум јас?, да ја осознае смислата на животот, да ја запознае љубовта и да ја препознае смртта.
- Романот на Мери Шели е готска романтична приказна, која раскажува за утопијата, старата желба на човекот да „одземе“ од функциите на Бог и сам да може да твори и да создава живот. Возможно ли ќе биде, остварлив ли е сонот на Виктор Франкенштајн да му даде душа на едно суштество, кое го „склопува“ од различни тела во својот анатомски театар. И дали простите, на прв поглед, желби на тоа суштество да стане дел од овој свет, ќе се покажат едноставни за да се реализираат. Ќе може ли да и одолее на неподносливата самотија на која е осуден поради својот страшен и одбивен изглед, рече Абаџиева.
Во ликот на чудовишната креатура произведена во лабораторијата на доктор Франкенштајн настапува Игор Стојчевски, кому ова му е втора соработка со Абаџиева по претставата „Ромео и Јулија“ во Македонскиот народен театар.
Рече дека игра суштество чија разлика од сите останати е во неговата искреност, желбата и копнежите. - Преку ликот на суштеството ги гледаме најискрените желби за љубов, за опстанок и потребата што постои кај секој човек - да сака и да биде сакан, да ужива во присуството на другиот - нешто кое денешниот начин на живот го прави просто невозможно и се потешко. Имаме милиони пријатели на социјалните мрежи, а се почесто сме осамени. Суштеството во еден момент го освестува Франкенштајн и му ги поставува битните прашања. Тој е алтер егото на докторот Виктор Франкенштајн, другиот во него. Тие се една душа во две тела, рече Стојчевски.
Неговиот „создавач“ - Франкенштајн, го игра актерот Зоран Љутков, кој зборуваше за процесот на создавање на претставата, задоволен од соработката со режисерката која во трите месеци подготовка им овозможила, како што рече, скратен курс по актерска игра.
- Скоро три месеци работевме страшен професионализам кој ретко сум можел да го видам во нашите театри. Актерската екипа работеше како машина, без никакви предрасуди и сомневања во целиот процес, рече Љутков.
Покрај нив, во актерската екипа се и: Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Благица Димитровска, Филип Трајковиќ, Александар Степанулески, Соња Стамболџиоска, Димитрија Доксевски, Гордана Ендровска и Наталија Теодосиева. Режисерката Абаџиева е автор и на сценската адаптација, музичката подлога и кореографијата, а сценографијата, костимографијата, мултимедијата се на Васил Абаџиев.
Роберт Велјановски рече дека кога во 2013 година станал директор на Драмски театар, идејата му била да прави германски театар со македонски емоции.
- Мислам дека во последната година од мојот мандат, со претставата „Франкенштајн # Алхемија на животот“ успеав како директор на Драмскиот театар да продуцирам претстава којашто е најблиску до мојот идеал што е тоа одлична, врвна претстава, рече Велјановски.
Најави дека наредната премиера на ДТС, за околу еден месец, ќе биде Шекспировиот „Венецијански трговец“ во режија на Наташа Поплавска.
Ново на Сител
-
Ахмети: Груби не е во бегство, но нема да се појави пред одмаздничка правда
-
Тема на денот со Билјана Ивановска, поранешна претседателка на Антикорупциска комисија
-
Коцевски не знае каде избегал Груби, но „кртот“ за акцијата не бил обвинителство
-
Шверцувале скапи автомобили од ЕУ и ги продавале во земјата - Кривична постапка против 10 лица за кримучарење возила
-
Одземен му е пасошот на поранешниот директор на ТИРЗ, тој не се чувствува виновен
-
Засилени безбедносни мерки во Охрид
-
Празнична сезона во Крушево
-
Хуманитарна акција во Берово