Формирана Фондација „Славко Јаневски“

Новинари и уредници од згаснатиот „Утрински весник“ формираа Фондација за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“. Таа ќе продолжи да ја доделува и долгогодишната награда „Роман на годината“ која ја организираше весникот.
Основачи на фондацијата се Бранко Тричковски, Ерол Ризаов, Манчо Митевски, Љупчо Поповски, Ѕвездан Георгиевски и Катерина Богоева, а претседател на Управниот одбор е Јана Јаневска Терзиоска, ќерка на Славко Јаневски.
- Фондацијата што го носи името на авторот на првиот македонски роман, сметаше дека е неопходно да се продолжи оваа, според нас, вредна традиција и затоа ја презедовме обврската да го сочуваме континуитетот на признанието, кое придонесе многу за расцутот и новата пролет на македонската романсиерска продукција, соопшти Фондацијата „Славко Јаневски“.
Фондацијата ќе го преобјави романот „Село зад седумте јасени“ на Јаневски, кој е првиот македонски роман од 1952 година, од кога не бил повторно објавен. Заедно со него ќе го објави и романот „Стебла“ односно подоцнежна верзија на првобитниот роман кој Јаневски го преработил во 1965 година. Јаневски сметал дека „Село зад седумте јасени“ повеќе не ги задоволувал неговите естетски и занаетчиски критериуми, па затоа го преработил.
- Меѓутоа, повлекувањето на романот и неможноста тој да се најде на книжевниот пазар во целиот овој повеќедецениски период овозможи околу него да се појават низа шпекулации, лаги и полувистини, а овие теории на заговор се засилија во периодот на срамната лустрација на авторот. Затоа Фондацијата реши да го преобјави овој роман во едно капитално дело, каде што во една книга би се нашле двете верзии, наведува во соопштение новоформирана Фондација.
Во оставината на Јаневски членовите на Фондацијата пронашле и едно негово сосема непознато сценарио за долгометражен игран филм – „Деветтиот задгробник“. Посочуваат дека се работи за научно-фантастичен хорор, што е жанровска реткост во нашето сценаристичко творештво и дека Фондацијата ќе го објави сценариото на Јаневски во книга, заедно со уште две други негови познати сценарија: „Македонскиот дел од пеколот“ и „Јазол“.
Фондацијата предвидува и објавување годишник под наслов „Архив Јаневски“, каде што ќе се објавуваат сите артефакти врзани за животот и делото на Јаневски: фотографии, интервјуа, предмети, автографи, посвети, цртежи, ракописи...Таа ќе поддржува и млади автори, со организирање работилници за креативно пишување и за негување на критичка мисла, ќе објавува зборници во кои ќе бидат застапени млади автори, а покрај алманахот „Архив Јаневски“, ќе издава и списание за културни и општествени прашања „Дебата“, кое ќе треба да ги собере најеминантните автори во регионот на одредени теми.
Фондацијата главно се финансира од донации и сите донатори влегуваат во Клубот на пријатели на Фондацијата.
Ново на Сител
-

Со 3,66 промили алкохол во крвта агресивно се однесувал кон полицајци
-

Вучиќ: Ќе предложам ЕУ заедно да ги прифати сите кандидати од Западен Балкан
-

Мицкоски: Додека сум јас премиер нема да никне ниту еден шатор со илегални мигранти и нема да биде примен ниту еден мигрант
-

МОН воведува нови стипендии - за втор и трет циклус на студии по македонски јазик
-

Субвенции за енергетска ефикасност: Граѓаните сè повеќе инвестираат во инвертер клими, а интересот за гас значително опаѓа
-

Велешанец пронајден мртов во помошна просторија од домот
-

Трамп: Негативна одлука на Врховниот суд во однос на царините би било закана за националната безбедност
-

Кавадарчанец со „мерцедес“ возел 96 километри на час на место каде ограничено е на четириесет
