Македонија
15. November 2021 - 16:33

Фондацијата „Трајче Мукаетов“ додели 40 стипендии за учебната 2021/2022 година

Фондацијата „Трајче Мукаетов“ додели 40 стипендии за учебната 2021/2022 година, од кои 20 за студенти на Фармацевтскиот и 20 за студенти на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ oд Скопје. Стипендиите за студенти од овие два факултета на УКИМ, Фондацијата ги доделува 14-та година по ред.

Во согласност со објавениот јавен конкурс, изборот на стипендистите за учебната 2021/2022 година е усвоен од Управниот одбор на Фондацијата, по предложената прелиминарна листа од комисиите за распределба на стипендии, во чиј состав членуваа претставници од Фондацијата, од двата факултета, како и претставници од редовите на студентите. Стипендијата изнесува 6.500 денари во текот на 12 месеци.

Фондацијата соопшти дека еднократната парична награда во износ од 1.200 евра во денарска противвредност, која 12-та година по ред ја доделува за првенците на генерација на двата факултета, годинава им припадна на двајца стипендисти – Зоран Гаврилов од Фармацевтскиот факултет (со просек 9,49) и на Милена Гривчевска од Медицинскиот факултет (со просек 9,94).

– Особено ми е драго што компанијата „Алкалоид“ и Фондацијата „Трајче Мукаетов“ биле и се дел од успешната приказна на 579 студенти по фармација и по медицина на државните универзитети во изминативе 14 години. Едукацијата во овие две професии е од исклучителна важност, а задоволството е уште поголемо што ние како компанија ги стимулираме студентите во текот на образовниот процес и ги мотивираме кон нови повисоки достигнувања во матичните струки, изјави Живко Мукаетов, претседател на Фондацијата „Трајче Мукаетов“ и генерален директор на „Алкалоид“ АД Скопје.

Тој посочи дека од вкупниот број стипендирани студенти досега, 92 веќе ја почнаа својата кариера во  компанијата „Алкалоид“. Иако новото време налага специфично функционирање на процесите во сите сфери, додаде Мукаетов, нивните заложби за инвестирање во образовниот процес, во знаењето и во луѓето ќе останат на врвот на листата на приоритети на компанијата.

– Почнувајќи од учебната 2007/2008 година, Фондацијата стипендира/ше вкупно 579 студенти по фармација и по медицина, вклучувајќи ги и новите 40 во учебната 2021/2022. Од нив, 218 студенти по фармација и 211 по медицина се веќе дипломирани. Од 2009 година до денес својата кариера во „Алкалоид“, во одделите на сегментот фармација, ја започнале 92 од стипендираните студенти на Фондацијата, и тоа 85 студенти од Фармацевтскиот факултет и седум студенти од Медицинскиот факултет, информира Фондацијата.

Заклучно со 30 октомври 2021, преку Фондацијата „Трајче Мукаетов“ е исплатен износ од 109.975.568 денари за  стипендии и за еднократни парични награди за првенците на генерација на Фармацевтскиот и на Медицинскиот факултет на УКИМ.