Македонија
1. November 2018 - 11:54

Фити: Имаме многу добра законска регулатива за животна средина, но не се спроведува

Македонија има многу добра законска регулатива за животна средина, одлична. Кога ги читате законите и подазконските акти, се е тоа прилагодено според европски стандарди, со модерни пристапи како да се бориме. Генералниот проблем е имплементација, значи не се спроведуваат законите и тоа се гледа со голо око. Не е доволно да имате добра регулатива ако таа не се спроведува. Ова денеска го изјави претседателот на Македонската акдемија на науките и уметностите академик Таки Фити пред почетокот на научната конференција „Загадувањето на градовите во Република Македонија: кои се решенијата?“ во организација на МАНУ.

Тој информира дека конференцијата има за цел да даде јасна и кратка дијагноза на состојбите, како се загадени градовите, од што, кои се главните извори на загадување и најважно е да се предложат мерки, краткорочни и долгорочни, како овој процес да се ублажи и како да се намалат негативните последици.

Одговарајќи на новинарско прашање дали во Македонија компаниите повеќе го ценат профитот или човечкиот живот, Фити рече дека повеќе се цени профитот и оти тука е проблемот на загадувањето.

– Основна целна функција на фирмите во пазарна економија е да го максимизираат профитот. Ако сакате да го максимизирате прифитот доколу тоа некој ви го дозволи, Вие нема да вградувате филтри за прочистување на воздухот, нема да вградувате технологија за прочистување на водата, само слободно ќе ги исфрлате во водухот, во блиската река и ќе ја деградирате животната средина. Ако инвестирате во технологии за заштита на животната средина Ви растат трошоците, намалува профитот. Пазарот ве тера тоа да го правите. Но, затоа е тука државата да каже стоп, оваа работа не може и мора да се држите до овие стандарди и има четири-пет пристапи: државна контрола, директно плаќање на високи еколошки даноци, договорни пристапи кои во економијата се познати по нобеловецот Роналад Коуз, изјави Фити.

Македонија, како што рече, ги има сите три пристапи во законот, но проблемот е што тешко се имплементираат, иако има подобрување во последните години, како во случаите со Железарница, Југохром. Според него, мора да се покаже и строгост и мора да се почитува здравјето.

Академик Владо Матевски, претседател на Организацискиот одбор на конференцијата потсети на синтагмата загадувачот плаќа, односно дека штетите кои произлегуваат од загадувањето треба да ги плати загадувачот.

– Но, доколу државата тоа не го утврди тогаш останува штетата са ја плати државата, во случајов граѓаните, што и најчесто се случува, рече Матевски.

Државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање Ана Петровска изјави дека долги години ги анализираат причините за состојбите со загадувањето, не само на воздухот, туки со водите и почвата.

– Идејата би била да се почне со спроведување мерки кои се наједноставни, кои можеме веднаш да ги спроведуваме и кои имаат најголемо позитивнио влијание врз намалувањето на загадувањето. Државата има стратешки документи, Град Скопје и другите градови имаат свои стратешки документи, имаме институции, граѓански сектор, јавност која сега е со многу повисока свест. Во овој момент многу предуслови се исполнети и многу поинтензивно сега да се решаваат, еден по еден, горливите проблеми во животанта средина, рече Петровска.

На конференцијата пристигнале 39 наслови на презентации од 99 автори и коавтори кои се распределени во седум сесии: аерозагадување, енергетика/греење, сообраќај, индустрија/почва/храна, води, урбанизам/шумарство/озеленување и општи аспекти на урбаното загадување.