Македонија
11. November 2016 - 10:51

Филмови во кои копродуцира Македонија денеска и утре на „Синедејс“

Во рамки на Фестивалот на европски филм „Синедејс“ денеска и утре ќе бидат прикажани два филма во кои Македонија е копродукциски партнер и се дел од фестивалската програма „МК во ЕУ“ - „Сиера Невада“ и „Ноќен живот“. 

Во кино „Милениум“ вечер е проекцијата на „Сиера Невада“ на романскиот режисер Кристи Пују во кој Македонија учествува во копродукцијата заедно со Романија, Франција, Босна и Херцеговина и Хрватска.

Филмот беше прикажан на Канскиот фестивал каде доби позитивни критики од повеќе светски медиуми. На неодамнешниот 52. Филмски фестивал во Чикаго „Сиера Невада“ ја доби главната награда за најдобар филм „Златен Хуго“, како и „Сребрен Хуго“ за режија. Филмот на Пују е и романски кандидат за Оскар за 2016 година. Во одделот за звук работеше Атанас Георгиевски. 

Проекцијата на „Сиера Невада“ (од 20 часот во кино „Милениум“) ќе го замени филмот кој беше најавен за овој термин - „Аве, Цезар“ од браќата Коен, кој на „Синедејс“ ќе биде прикажан на 17 ноември од 22 часот.

Од програмата „МК во ЕУ“, т.е. филмови во кои копродукциски учествува и Македонија, утре од 21 часот во киното „Фросина“ во МКЦ ќе биде прикажан и „Ноќен живот“ на словенечкиот режисер Дамјан Козоле. Филмот е копродукција меѓу Словенија, Босна и Херцеговина и Македонија. Беше прикажан во главната програма на фестивалот во Карлови Вари каде го освои Кристалниот глобус за режија, како и симпатиите од критиката и публиката. 

Во македонската екипа во филмот се актерот Петар Арсовски, Иво Трајков како монтажер, Мојца Горогранц-Петрушевска - шминка, користена е и музика од Сашко Костов, специјалните ефекти се направени во студиото FX3X... 

Во програмата „МК во ЕУ“ е уште еден филм - „Устав на Република Хрватска“ на режисерот Рајко Грлиќ, кој ќе биде прикажан на затворањето на „Синедејс“ на 19 ноември. 

Петнаесеттиот „Синедејс“ почна вчеравчер во „Милениум“ со српскиот филм „Дневникот на машиновозачот“ во режија на Милош Радовиќ. Присуствуваше и главниот актер Лазар Ристовски, кој и се заблагодари на скопската публика која го поздрави со аплаузи. Филмот доби награда од публиката на Интернационалниот филмски фестивал во Москва.