Македонија
9. September 2020 - 19:42

Филипче за Сител: Хронично болните од понеделник на работа, за отсуство ќе се бара боледување од специјалист

Од следната недела хронично болните се враќаат на работа. Ослободени ќе бидат само оние кои ќе добијат потврда од специјалист дека имаат влошување на состојбата поради болеста. Владата го усвои предлогот на Комисијата за заразни болести.

-Суштината е во типот на дијагноза. Во рамките на една дијагноза за хронична болест има различен статиум во која пациентот може да се наоѓа. Некој кој за една дијагноза може да има сосема нормален живот или друг за истата дијагноза заради значајна слабост заради некој орган не може да функционира сам и тој во ова сценарио не треба да оди на работа, изјави д-р Венко Филипче, министер за здравство.

Филипче не стравува дека деновиве ќе се создаде хаос во здравствениот систем поради закажувањето на термини за преглед кај специјалист за да хронично болните добијат потврда дека навистина не треба да одат на работа. Министерот за здравство смета дека драстично ќе се скрати бројот на луѓе кои седеле дома. Досега  сите кои ја користеа мерката земаа цела плата, а од понеделник ќе се водат на боледување и ќе добиваат помалку пари.

-Пациентите кои имаа важечки боледувања по сегашниот систем можат да ги продолжат боледувањата без да доаѓаат на преглед. А за новиот систем за да се добие боледување кое важи подолго време да закажат специјалистички термин ќе пуштиме повеќе термини и Е амбуланта. Специјалистот ќе процени дали физички да дојде пациентот или може да се процени по документација и да се даде подолго боледување, рече Филипче.

Во меѓувреме повеќе здруженија побараа од министерството за здравство да објави листа кои најчести хронични заболувања ги имале починатите од компликации од коронавирусот, и граѓаните кои имаат некоја од тие дијагнози и понатаму да бидат ослободени од работа.

-Затоа моментално дел од пациентите се во страв, други се плашат дека ќе го изгубат работното место. Дел се плашат за своите деца зошто биле ослободено по основ на болеста на детето. Буквално се збунети дали треба да бараат од матичен термин за специјалист дали да чекаат на одлуката, изјави Весна Алексовска, Претседател на Здружение на граѓани за ретки болести, „Живот со Предизвици”.

За барањата на здруженијата на пациенти Филипче рече дека на утрешниот состанок ќе разговарале за сите дилеми.

Инаку одлуката предизвика бројни реакции во јавноста пред се зошто хронично болни се враќаат на работа, а учениците седат дома.