Македонија
22. September 2020 - 20:00

Филипче најавува нови рестриктивни мерки: Маска на отворено и кога сте сами, ограничен број лица на маса во кафеана

И сами кога се движите надвор задолжително ќе мора да носите маска. Оваа мерка ја најави министерот за здравство за да го спречат неконтролираното ширење на бројот на заразени со Ковид 19. Надлежните планираат и ограничување на бројот на гости во кафани, намалување на капациететот во јавниот превоз и избегнување на поголеми групирања, но кога тоа ќе стапи на сила ќе одлучат деновиве. Филипче најавувајќи дека не очекува нов есенски бран, побара од граѓаните почитување на мерките за да не мора да воведат целосен карантин и ограничување на движењето.

-Целта е да се избегнат рестерикции за да не се закочи економијата и нешто што би не затвориле во домовите. Маска на отворено задолжително за сите па и кога сте сами, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

 Причината за ваквата лоша корона статистика во земјата Филипче ја лоцира кај свадбите, журките и опуштеноста кај граѓаните. Освен нови мерки, министерот најави и засилени контроли од надлежните институции со казни за семејни прослави. Но засега нема да има клуч на градинки иако таму има и по 15 деца во група, ниту пак одложување на стартот на учебната година.

-Во градинките почитуваат протоколи, а има протоколи и за училиштата, вели Филипче.

Од Министерството за здравство ги очекуваат и анализите од болниците и клиниките за зголемената смртност и како ги третираат пациентите со Ковид. Филипче вели дека состојбата засега е стабилна во поглед на капациентот, но стравува да не дојде до преполнетост на болничките соби поради зголемување на бројот на новозаразени.