Македонија
4. October 2021 - 12:54

Филипче: 8200 ученици ќе бидат опфатени во престојниот скрининг

На денешната прес конференција министерот за здравство, Венко Филипче рече дека со согласност од родителите основците и средношколците ќе бидат тестирани за Ковид-19.

- Со согласност од родителите, учениците во основните училишта од прво до петто одделение, како и од шесто до деветто одделение и учениците од средните школи ќе бидат тестирани за присуство на вирусот Ковид 19. Во методологијата се опфатени околу 8200 деца, пропорционално дистрибуирани по општини според број на ученици. Планирано е скрининот да трае 5 дена и дневно да се тестираат по околу 1000 деца, во самите училишта кадешто мобилни екипи ќе одат на терен и ќе го вршат тестирањето за време на часовите, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Министерот вели дека учениците кои ќе бидат тестирани ќе се избриаат по случаен избор.

- Учениците ќе се бираат по случаен избор од регистарот на Е дневник, а родителите ќе треба да потпишат согласност за учество на тестирање на децата. Доколку некој од родителите одбие, ќе има заменски примерок од каде ќе се избира следното дете за тестирање, додава д-р Венко Филипче.

Д-р Венко Филипче рече дека децата кои се во одделение кое брои помалку од 10 деца ќе бидат исклучени од овој процес.

- Децата од посебните училишта и училиштата каде просечниот број на ученици во одделение е помал од 10 деца ќе бидат исклучени од овој процес од причина што станува збор за помали рурални места каде учат многу мал процент од сите ученици и во места каде инциденцата на вирусот е многу ниска, кажа Филипче.