Ф1
26. July 2015 - 16:52

Фетел најбрз на „Хунгароринг“

Возачот на „Ферари“ Себастијан Фетел е победник на трката за Големата награда на Унгарија, возена попладнево на патеката „Хунгароринг“ крај Будимпешта.
 
Германецот својата 41.победа ја посвети на неодамна починатиот колега Жил Бјанки.
 
- Жил, ти секогаш ќе бидеш во нашите срца. Порано или подоцна ќе беше дел од овој тим, е првата изјава на Фетел преку клупското радио по минување на целта на денешната трка.
 
Фетел уште на стартот ги помина фаворитите од Мерцедес, Луис Хамилтон и Нико Розберг и извозе шампионски до крајот на трката одбивајќи ги нападите од конкурентите.
 
Неочекувано на второто место заврши Данил Квајт од Ред Бул, а трет беше Даниел Рикиардо (Ред Бул). Макс Ферстапен (Торо Росо) оствари најдобар пласман во кариерата со четвртото место, Фернандо Алонсо (Мекларен) беше петти, а актуелниот шампион Хамилтон дури шести.
 
Бодови освоија уште и: Роман Грожан (лотус), Нико Розберг (Мерцедес), Џенсон Батон Мекларен) и Маркус Ериксон (Заубер).
 
Следната трка од Шампионатот во Формула 1 е на 23 август во Белгија.